БСЖ вакцините пристигнуваат за неколку дена, на Институтот за ТБЦ се лекуваат 95 пациенти

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Новите БСЖ вакцини против туберкулоза се очекува да пристигнат во земјава за неколку дена, додека во моментот е во тек организацијата на логистиката за нивна набавка од централното депо на УНИЦЕФ. Ова доаѓа откако Комисијата за имунизација одлучи привремено да ја одложи имунизацијата со БСЖ вакцината од бугарскиот производител „Бул Био“, по пријавени четири сомневања за остеитис и остеомиелитис, односно воспаление на коскеното ткиво, кај мали деца во Хрватска по вакцинацијата. Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека во тек се проверки на сериите и квалитетот на вакцините, како и на можната поврзаност со пријавените несакани реакции. Според нив, родителите треба да останат смирени бидејќи самото примање на БСЖ вакцината не значи дека детето ќе развие несакана реакција. Кај децата кои се во добра општа здравствена состојба и немаат симптоми, не се препорачуваат рутински дополнителни прегледи или дијагностички снимања само поради примањето на вакцината. Од ИЈЗ додаваат дека родителите треба да ја следат здравствената состојба на детето и да побараат лекарска проценка доколку забележат болка или оток во пределот на коска или зглоб, ограничена подвижност на рака или нога, отежнато одење, избегнување потпирање на раката или ногата или необично избегнување движења на одреден екстремитет. Сепак, како што наведуваат, овие симптоми не значат нужно дека станува збор за компликација поврзана со БСЖ вакцината, бидејќи можат да се појават и при други здравствени состојби. Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата против туберкулоза е задолжителна, имајќи предвид дека земјава е подрачје со висок ризик од оваа болест. Според податоците што ги објави Министерството, на Институтот за ТБЦ во моментот се лекуваат 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 случаи се од оваа година.

БСЖ вакцините пристигнуваат за неколку дена, на Институтот за ТБЦ се лекуваат 95 пациенти | FinPortal.mk

Новите БСЖ вакцини против туберкулоза се очекува да пристигнат во земјава за неколку дена, додека во моментот е во тек организацијата на логистиката за нивна на