FinPortal.mk

Бројот на заболени од грип речиси двојно се зголеми за една недела, Тетово убедливо прв

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Бројот на заболени од грип речиси двојно се зголеми за една недела, Тетово убедливо прв

Грипот во Македонија значително се засилува, откако во последната недела се пријавени речиси двојно повеќе случаи отколку претходната, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје објавен на 5 ноември. Во периодот од 26 октомври до 1 ноември регистрирани се 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, наспроти 61 случај во претходната недела, што претставува раст од 90,2 проценти.

Најмногу пријавени случаи има во Тетово, каде што се регистрирани 48 заболени. По Тетово следува Куманово со 26 случаи, а во Скопје се пријавени 13. Прилеп и Гостивар имаат по седум пријавени случаи. Особено е забележлив растот токму во Тетово, каде што претходната недела биле пријавени само четири случаи. Тетово и Куманово заедно учествуваат со речиси 64 проценти од вкупниот број пријавени заболувања во државата.

Според возраста, најмногу заболени, вкупно 84, се на возраст од 15 до 64 години. Кај лицата постари од 65 години регистрирани се 25 случаи, додека седум случаи се пријавени кај деца од пет до 14 години.

Лабораториските анализи потврдуваат дека вирусот на грип веќе циркулира. Од 47 испитани примероци во Институтот за јавно здравје, четири биле позитивни на инфлуенца А, од кои три несубтипизирани и еден од типот А(H1)pdm09. Дополнително, еден примерок бил позитивен на коронавирусот SARS-CoV-2. Сепак, сите 116 пријавени случаи не се лабораториски потврден грип, бидејќи неделниот епидемиолошки надзор ги опфаќа и заболувањата со симптоми слични на грип.

И покрај значителниот раст, Институтот за јавно здравје соопштува дека состојбата сè уште е на меѓусезонско ниво. Пријавената инциденца изнесува 6,3 случаи на 100.000 жители, додека границата за влез во сезонска активност е 7,32 случаи на 100.000 жители. Тоа значи дека сезонскиот бран сè уште не е официјално започнат, односно дека пикот на грипот во земјата не е достигнат.

Податоците покажуваат дека активниот вирус веќе е присутен во популацијата, но официјалната сезонска активност останува под прагот. Со оглед на тоа што инциденцата е блиску до границата за влез во сезона, епидемиолошката состојба во наредните недели ќе зависи од понатамошното движење на пријавените случаи.