Британската влада вети подобра заштита за патниците со попреченост во воздушниот сообраќај

Британската влада вети дека патниците со попреченост ќе имаат подобра заштита при летање, вклучително заштита од оштетени инвалидски колички и поддршка од обучен персонал. Ова доаѓа по извештајот на индустриската група за пристапност, објавен една година по ревизијата предводена од Тани Греј-Томпсон, која бараше дејствување за подобрување на воздушниот сообраќај по бројните инциденти во кои патниците останаа заглавени без помош.
Според Министерството за транспорт, аеродромите вовеле дополнителна обука за персоналот и е воспоставен нов стандардизиран систем за подготовка на авиокомпаниите за ракување со помагала за подвижност. Оваа мерка доаѓа откако во 2024 година беа оштетени повеќе од 1.000 инвалидски колички во транзит, што е еквивалентно на повеќе од 80 месечно.
Владата планира да го укине максималниот износ на компензација за изгубени и оштетени инвалидски колички и да му даде нови овластувања на воздухопловниот регулатор да изрекува казни на авиокомпаниите и аеродромите кога патниците не ја добиваат потребната помош. Овие измени се очекува да бидат дел од законот за цивилно воздухопловство, кој е во процедура во парламентот и со кој, според владата, патниците во воздушниот сообраќај ќе добијат посилна заштита и потрошувачки права.
Министерката за транспорт Хајди Александар изјави: „Луѓето мора да можат да летаат достоинствено и со мир во душата. За патниците со попреченост тоа значи да не се грижат дали нивната инвалидска количка ќе се врати во еден дел или дали персоналот ќе биде таму за да им помогне низ аеродромот.“ Таа додаде дека владата ја поддржала индустријата да ја преработи обуката на персоналот, да спречи оштетување на помагалата за подвижност и да создаде едноставни начини патниците да споделат клучни информации пред летот.
Сепак, според индустриското тело, речиси една петтина од патниците со попреченост сè уште се незадоволни од своето искуство со воздушниот сообраќај, а барањата за помош продолжуваат да растат. Копретседавачите на групата за спроведување на пристапноста во воздухопловството, која ја оценува реализацијата на 19-те препораки од извештајот на Греј-Томпсон, изјавија: „Има уште многу да се направи, но направивме позитивен почеток. Сега ќе се фокусираме на вградување на повеќе од потребните промени за да им се овозможи на лицата со попреченост да летаат со доверба и достоинство.
Извршниот директор на лоби-групата „Аирлајнс Ју-Кеј“, Тим Олдерслејд, рече дека бројот на патници на кои им е потребна помош е зголемен за речиси 10 отсто во однос на минатата година. „82 отсто известуваат дека се задоволни од своето искуство со воздушниот сообраќај, што ги покажува напорите и напредокот што авиокомпаниите ги прават за оние на кои им е потребна дополнителна поддршка при летање“, рече тој.