Британската влада ги советува граѓаните да држат конзервирана храна за вонредни состојби

Екстремните временски услови може да го променат начинот на којшто пазаруваме. Британската влада претходно овој месец ги повика граѓаните во својата кошничка за храна да додадат неколку производи со долг рок на траење, за да бидат подготвени доколку се прекине синџирот на снабдување со храна. Министерката за животна средина, Анџела Игл, за „Гардијан“ изјавила дека моќниот природен климатски феномен Ел Нињо ќе доведе до „поекстремни бури во оваа земја“.
Според изворот, климатските промени, заедно со сајбер-нападите, појавата на болести и конфликтите, можат да го оптоварат процесот што на крајот ја носи храната во продавниците и домовите. Професорот Ричард Вајлдинг, експерт за стратегија на синџирот на снабдување, вели дека не треба „претерано да се грижиме“, бидејќи глобалните професионалци за поморски транспорт постојано се прилагодуваат, но дека треба да бидеме подготвени да купуваме различни производи доколку е потребно. „Работите што беа во супермаркетите и се сметаа за релативно достапни, одеднаш може да станат недостапни“, додава тој.
Д-р Сами Гил, виш научник за исхрана од Британската фондација за исхрана, вели дека треба да се даде приоритет на одредени групи на храна. Како сложени јаглехидрати ги наведува пченичните бисквити, интегралните житарки, крекерите и лебот, како и овесот, оризот и тестенините. Како протеини ги наведува конзервираниот наут, леќата, црвениот грав, несолените јаткасти плодови, путерот од кикирики и конзервираната масна риба, како туна, скуша и сардини.
Гил советува при купување конзервирана храна да се внимава на содржината на сол и шеќер. Треба да се избегнуваат производи конзервирани во саламура или сируп, бидејќи водата е најздрава опција. Исто така, се препорачува да се избегнуваат инстант-тестенини и конзервирана супа поради високата содржина на сол, како и житарките за појадок и снек-баровите со додаден шеќер и ограничени хранливи материи. Конзервираната риба е подобра опција од конзервираното месо, како колбаси, хот-дог или корнбиф, бидејќи тие често се преработени и богати со сол и заситени масти. Слатките залакувања, како бисквитите и чоколадото, треба да се ограничат поради високата содржина на шеќер.
Мекманамон советува да се земаат околу 1.500 до 2.500 милилитри течност дневно, без оглед на времето, што може да дојде од флаширана вода, но и од храна богата со течност. Д-р Гил вели дека конзервираната храна може да биде дел од здравата исхрана, бидејќи има мала разлика во хранливата вредност меѓу конзервираната и свежата храна кога станува збор за макронутриентите, витамините растворливи во масти и минералите. Нивото на некои витамини, како Б и Ц, може да се намали поради процесот на конзервирање, но таа уверува дека оваа храна сепак може да биде корисен извор на витамини.