Британската економија под притисок: енергијата ги крева цените, растегот слабее

Обединетото Кралство нема директно учество во војната меѓу САД и Иран, но последиците од конфликтот веќе се чувствуваат во неговата економија. Според најновата официјална прогноза на Канцеларијата за буџетска одговорност (OBR), растечките цени на енергијата ќе го забават растот на краток рок, ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе го остават животниот стандард во „мрачна“ состојба. Се предвидува и раст на каматните стапки, што ќе го скапи задолжувањето, вклучително и отплатата на државниот долг.
Канцеларот Џон Хили предупреди дека земјата се соочува со „вистински предизвици“ и најави мерки што, како што рече, ќе им дадат „простор за дишење“ на домаќинствата во следните месеци. „Она со што се соочуваме денес се глобални економски бури. Не можеме да ги отфрлиме со желба. Мораме да го избереме курсот по кој ќе пловиме низ нив“, изјави тој.
Во првата проценка на британската економија откако почна конфликтот на Блискиот Исток, OBR оцени дека повисоките цени на енергијата се најголемиот ризик во блиска иднина. Иако ја зголеми прогнозата за раст оваа година, институцијата остро ја намали прогнозата за следната година — од 1,6% на 1%. Потоа се очекува растот да се врати во следните години.
Инфлацијата, според OBR, ќе остане повисока подолго отколку што претходно се предвидуваше и ќе достигне врв од 3,8% во 2027 година. Високите светски цени на нафтата веќе ги погодија возачите на пумпите — бензинот во просек чини речиси 1,73 фунти за литар, а дизелот е близу 1,99 фунти. Скапото гориво, преку транспортот, може да ги крене цените и на низа други производи, како храната. Економските аналитичари од Pantheon Macroeconomics оценија дека владините мерки за поддршка се „малку“ во споредба со очекуваниот скок на инфлацијата преку зимата.
Животниот стандард, мерен преку реалниот расположлив доход на домаќинствата, се предвидува да падне следната година, а најтешко ќе бидат погодени оние со пониски приходи, бидејќи трошоците за енергија зафаќаат поголем дел од нивниот буџет. Растот на реалниот доход се очекува да се врати од 2027 година, но послаб од претходно предвиденото. „Тоа е прилично мрачна слика“, рече Дејвид Мајлс од OBR, додавајќи дека од пред пандемијата на ковид има „речиси никаков раст“ за поединците.
Инфлацијата следната година се очекува да изнесува во просек 3,4%, пред да се спушти кон целта од 2% на Банката на Англија кон крајот на деценијата. Поради повисоката инфлација од последните месеци, широко се очекува Банката да ги крене каматните стапки следната недела. Тие сега изнесуваат 3,75%, но OBR прогнозира раст до 4,5% во следните години, наместо претходно предвидените две намалувања оваа година.
Повисоките стапки го скапуваат задолжувањето, но можат да ги зголемат приносите од заштедите. Инфлацијата, исто така, го крева трошокот за задолжување на државата, а отплатата на каматите се предвидува да расте. OBR признава дека околу прогнозите останува „значителна неизвесност“ поради променливата ситуација на Блискиот Исток.