Британците масовно купуваат радија и конзервирана храна по владината кампања за подготвеност

Продажбата на основни производи за домаќинствата драстично порасна во Обединетото Кралство откако владата ги повика граѓаните да се снабдат со резерви за случај на криза, покажуваат податоците до кои дојде редакцијата на BBC Newsnight. Трговскиот синџир Iceland соопшти дека продажбата на конзервирани производи за време на викендот се зголемила за 40 отсто, што, како што наведе компанијата, покажува дека потрошувачите ги слушнале предупредувањата.
Скокот следеше по изјавата на министерот за одбрана Вес Стритинг, кој ги повика луѓето да складираат производи како подготовка за итни случаи, меѓу кои сајбер напад или екстремен временски настан.
„Во рок од неколку часа по објавувањето на кампањата Be Ready, видовме како луѓето посегнуваат по основните работи — џебна светилка, радио на намотување, пренослив полнач. Продажбата на светилки речиси се зголеми четирикратно, а на радијата речиси двојно во три дена“, изјави Оли Маршал, извршен директор на Maplin. Тој додаде дека станува збор за едноставни и достапни производи што го одржуваат домаќинството поврзано и информирано кога ќе снема струја.
На 22 октомври Стритинг порача дека луѓето треба да обезбедат три литри вода по лице дневно, конзервирана храна во шкафот, храна за бебиња, џебни светилки на батерии и полначи за мобилни телефони. Многу од наведените производи се најдоа на списокот на Newsnight чија продажба нагло порасна. Во реакција на податоците, министерот за одбрана изјави дека е охрабрувачки што луѓето преземаат практични чекори и дека неколку основни производи дома помагаат домаќинствата да се подготват за пречки, било да се поплави, прекини на струја или пукнати цевки.
Растот не е ограничен само на големите синџири. Џош Прингл од онлајн продавницата Sgt Prepper изјави за Newsnight дека неговата продажба се зголемила десеткратно по лансирањето на владината кампања, а повеќето нарачки биле за радио на намотување. Линколн Мајлс, основач на Preppers Shop UK, извести за зголемување од 650 отсто по владината објава, со оценка дека „сè што е поврзано со работа без приклучок“ е она што луѓето го купуваат во моментов.