Бришењето на зборот „род“ од образованието не ја отстранува родовата нееднаквост, предупредува Платформата за родова еднаквост

Платформата за родова еднаквост изрази сериозна загриженост поради одлуката на Министерството за образование и наука да ја измени програмата за сеопфатно сексуално образование, која сега е преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“, и од неа да ги отстрани поимите род и родова еднаквост. Според реакцијата на платформата, со оваа измена учениците ќе учат за насилство, стереотипи и дискриминација, но без клучниот поим што ги објаснува нивните причини — родово-базираното насилство и родовите нееднаквости.
Оваа одлука, како што се наведува во соопштението, не се гледа како изолиран случај, ниту како обична промена на терминологија. Таа е уште еден чекор во загрижувачкиот тренд на институционално потиснување на родовата еднаквост од јавните политики и законодавството, кој платформата го следи во последните години. По отстранувањето на поимите род, родова еднаквост и сè поврзано со сексуалноста, хомофобијата и заштитата од дискриминација и насилство од законските измени во образованието, блокирањето на Законот за родова еднаквост и сè почестото доведување во прашање на веќе стекнатите права, сега, како што се наведува, сведочиме и на обид родовата нееднаквост да стане невидлива во училниците. Но, како што се потенцира во реакцијата, родовата нееднаквост не исчезнува со бришење на зборот „род“.
Во соопштението се додава дека девојчињата и понатаму ќе се соочуваат со сексизам, сексуално вознемирување, притисоци и насилство, а момчињата и понатаму ќе растат под притисок на штетните очекувања за машкоста, моќта и доминацијата. Ако образовниот систем не ги именува овие појави и не им помогне на младите да ги разберат нивните причини, тогаш, според платформата, тој не придонесува за нивно надминување, туку за нивно премолчување.
Особено поразително, како што се оценува, е што ваквите одлуки се носат во држава во која насилството врз жените и девојчињата останува сериозен општествен проблем, а институциите постојано зборуваат за потребата од превенција. Според податоците на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во текот на 2025 година се евидентирани 6 убиства на жени и 4 обиди за убиство, додека само во првите девет месеци од 2026 година се евидентирани 7 убиени жени и 2 обиди.
Платформата за родова еднаквост, со својата реакција, ја повикува јавноста да ја согледа оваа одлука како дел од поширок тренд на потиснување на родовата еднаквост од јавните политики и законодавството, наместо како техничка промена на терминологијата во наставната програма. Отстранувањето на клучните поими, како што се наведува, не ги менува условите во кои живеат девојчињата и момчињата, туку само го отежнува разбирањето на причините за нееднаквоста и на насилството што произлегува од неа.