Брисел не се откажува од Канада: по неуспехот на самитот, ЕУ подготвува нов модел за интеграција на стратешки партнери

Идејата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Канада да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија доживеа сериозно политичко приземјување уште пред завршницата на самитот ЕУ–Канада во Монтреал. Она што првично беше претставено како нова геополитичка визија на Брисел, во конечниот текст на заедничката декларација се сведе на значително поумерена формулација, но според информации од бриселски дипломатски и административни кругови, Европската комисија не се откажува од стратешката идеја.
Иницијативата на Урсула фон дер Лајен за воспоставување нов привилегиран статус на Канада наиде на отпор кај влијателни членки на Унијата, пред сè Германија, Франција и Италија. Наместо најавеното „придружно членство“, во завршната декларација од самитот ЕУ–Канада остана формулацијата за „продлабочување на партнерството“. Тоа претставува јасен показател дека амбициозната геополитичка визија на Брисел не помина без политички последици во рамките на самата Унија.
Сепак, според извори во ЕУ, Брисел интензивно е во потрага по нова геополитичка архитектура. Во рамките на тој зафат на длабоко преструктурирање, концептот на актуелните политички елити од Брисел се потпира на две тежишни точки. Прво, Брисел во Канада бара нов модел за привилегирано интегрирање на стратешки партнер. И второ, Брисел за Велика Британија покажува подготвеност за флексибилност кон поранешна членка и можност за нејзино враќање.
Според информациите од бриселските дипломатски и административни кругови, Европската комисија не се откажува од стратешката идеја за приближување на Канада. Напротив, се разработува нова институционална платформа за приближување на Канада, а во пошироката геополитичка концепција свое место би можела да добие и Велика Британија. Тоа значи дека Брисел, и покрај отпорот на највлијателните членки, продолжува да работи на нов модел на интеграција што не е класично географско проширување.
Актуелните бриселски елити, како што се наведува, не размислуваат само за класично географско проширување туку и за ново геополитичко позиционирање преку интегрирање стратешки партнери и обновување на врските со поранешни членки. Во таа смисла, се подготвува нова конфигурација за ЕУ со носечка трансатлантска триангла: Брисел–Лондон–Отава. Бриселската идеја за трансатлантско проширување на ЕУ, според изворите, не е напуштена.
Но, ваквиот тек на настаните идентификува и исклучително тажна вест за Западен Балкан. Имено, во ваков тек на настаните, европските вредности и принципот на заслуги се ставени настрана со веќе очигледната политика на двојни стандарди од страна на Европската комисија. Европа можеби сака да ги смени границите на своето геополитичко влијание, но допрва треба да докаже дека не ги менува и сопствените принципи според своите дневнополитички интереси.
Од бриселска перспектива, новиот модел за Канада и флексибилноста кон Велика Британија треба да покажат дека Унијата може да биде атрактивна и за партнери кои не се географски во Европа, односно за поранешни членки кои избрале да излезат. Останува отворено прашањето како ќе се одрази тоа врз земјите од Западен Балкан, кои со години чекаат на јасна европска перспектива, а сега гледаат дека Брисел развива посебни институционални платформи за стратешки партнери надвор од регионот.