Брисел бара нови заштитни механизми пред идното проширување на ЕУ

Европската комисија отвори нова дебата за тоа како да се уредат условите под кои идните членки би можеле да влезат во Европската Унија, при што комесарката за проширување Марта Кос во Брисел го претстави планот со кој Брисел сака однапред да се заштити од можните злоупотреби на членството. Според изнесеното, Унијата размислува да воведе заштитни клаузули, можност за суспендирање на финансиите, ограничување на правото на глас, како и идеја новите членки извесен период да не можат да го користат ветото за блокирање на идните проширувања.
Овој пристап, како што беше објаснето, произлегува од потребата Унијата да се заштити од сценариото во кое една земја, откако ќе стане членка, ќе ги заборави обврските што ги презела пред влезот. Логиката е едноставна: ако владеењето на правото е услов пред членството, тогаш тоа не смее да престане да биде важно и по самото влегување, бидејќи самото општество бара правна држава и сигурност.
Како дел од истиот план се споменува и идејата за постепена интеграција, така што наместо кандидатите со години да чекаат пред затворената врата, како што е случајот со Македонија, одредени европски политики и придобивки би можеле да им бидат достапни уште пред полноправното членство. Тоа е она што го сакаат граѓаните, да видат барем некаква полза од Европа за која овдешните политичари со децении им говорат, а притоа ништо не се поместува од место.
Сепак, во анализата се предупредува дека сите клаузули и декларации ќе бидат залудни ако европската интеграција повторно се претвори во механизам за решавање нечии историски, јазични и идентитетски агенди, напикани по разни протоколи во преговарачката рамка на земјата. Нашата стратешка определба кон Европа, како што се нагласува, не беше само географска определба, туку систем на вредности, правила и институции.
Во тој контекст се наведува дека на земјата и требаат независно судство, функционална администрација, борба против корупцијата, како и европски стандард во јавните услуги, економијата, екологијата, инфраструктурата и образованието. За сето тоа, како што се оценува, може да ни поставуваат услови, и треба да го прават тоа.
Но кога условувањето ќе стигне до јазикот, историјата, културата и прашањето кои сме, тогаш веќе не станува збор за европски стандарди, туку за нешто сосема друго. Токму затоа, како што се заклучува, Европа мора да биде многу внимателна, зашто ако Унијата навистина сака да биде заедница на вредности, тогаш таа не смее да дозволи правилата да станат алатка за менување на идентитетите.