FinPortal.mk

Божиновска: Правиме сѐ за да нема ценовни шокови за граѓаните

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Божиновска: Правиме сѐ за да нема ценовни шокови за граѓаните

Владата прави сѐ за да нема ценовни шокови и ќе преземе сѐ што е потребно за секогаш да има електрична енергија за граѓаните и сигурност во снабдувањето, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за МИА. Таа порача дека Македонија подготвена ќе ја дочека претстојната зимска сезона, пренесува Независен.

Божиновска во вторникот учествуваше на Вториот министерски самит за енергетика во Белград, заедно со своите колеги од Грција, Бугарија и Србија. На самитот, како што објасни министерката, била испратена јасна порака дека регионот треба да биде здружен, бидејќи тоа е клучно и многу важно и придонесува за безбедноста и сигурноста во снабдувањето, особено во услови како сегашните, кога има две војни.

Во интервјуто Божиновска се осврна на глобалните случувања и предизвици, напоменувајќи дека некои работи едноставно не можат да се контролираат, но државата, потенцираше таа, ќе направи сѐ за производството да биде на одлично ниво. Според неа, токму затоа е важно да се дејствува превентивно и да се обезбеди стабилност на пазарот, за да не бидат граѓаните изложени на ненадејни поскапувања.

Министерката информираше и дека во врска со евтината тарифа ќе има состанок со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, која веќе ги прави потребните анализи. „Претседателот на РКЕ кажа дека веќе прават некои анализи, па ќе видиме, бидејќи во државата имаме голем број фотоволтаици. Ќе се состанам со претседателот и ќе видиме што може да се направи сѐ за доброто на граѓаните“, подвлече Божиновска.

Таа потсети дека Вториот министерски самит за енергетика во Белград е продолжение на првата средба што во мај годинава се одржа во Атина, на која повторно присуствуваа колегите од Грција, Бугарија и Србија. Според министерката, за разлика од првата средба во Атина, во Белград се разговарало за проекти што од планови преминуваат во реализација, односно бил продолжен дијалогот што го почнале, но сега со фокус на конкретните чекори што треба да ја зајакнат регионалната енергетска сигурност и отпорност.

Божиновска нагласи дека последните пет месеци е направен голем чекор, меѓу другото и со потпишувањето на договорот за пристапување кон вертикалниот коридор. Според неа, ваквите проекти се од суштинско значење за регионот, бидејќи овозможуваат поголема поврзаност, размена на енергија и намалување на зависноста од поединечни извори, што директно влијае и врз цените за крајните потрошувачи.

Министерката во интервјуто испрати порака дека државата останува посветена на заштитата на стандардот на граѓаните и дека сите одлуки во енергетскиот сектор се носат токму со таа цел. Таа повтори дека Владата нема да дозволи ценовни шокови и дека ќе продолжи да работи на обезбедување сигурно, стабилно и достапно снабдување со електрична енергија, како и на интензивирање на регионалната соработка со соседите.