Божиновска: Новите закони за геологија и рударство ќе донесат правна сигурност, но без компромис со животната средина

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска беше домаќин на стручна средба на која беа презентирани резултатите од независната експертска ревизија на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство. Ревизијата потврди дека предложените законски решенија се современи, сеопфатни и во значителна мера усогласени со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики, соопштија од Министерството.
На средбата присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која истакна дека целта на новите законски решенија не е само формално усогласување со европското законодавство. „Сакаме да донесеме закон кој ќе биде функционален, применлив и современ, закон кој ќе создаде јасни правила и правна сигурност, ќе овозможи развој на рударскиот сектор и одговорни инвестиции, но истовремено ќе гарантира дека јавниот интерес, граѓаните, животната средина и локалните заедници нема да бидат ставени во втор план“, изјави министерката Божиновска.
Таа посочи дека Македонија има потенцијал за развој на рударството и искористување на минералните суровини, но дека идниот развој мора да се одвива одговорно и во интерес на граѓаните.
Независната експертска ревизија ја изработија проф. д-р Вјечеслав Боханек и Кристи Дизни Брукнер, во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“. Во процесот на изработка на ревизијата беа вклучени и претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Државниот инспекторат за енергетика и минерални суровини.
Експертите дадоа многу позитивна оценка за предложените законски решенија, посочувајќи дека тие воспоставуваат современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности. Според нивните наоди, предложените текстови создаваат основа за поефикасно управување со геолошките податоци и за одговорно користење на природните ресурси.
Во рамки на експертизата е направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на Европската Унија – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска. Притоа е утврдено дека предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики, што претставува важен чекор кон приближување на домашната регулатива до европските стандарди.
Посебно внимание во ревизијата е посветено на современите европски политики во областа на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користување на природните ресурси и одговорното управување со рударскиот отпад и затворањето на рудниците. Овие теми, како што беше нагласено, се од суштинско значење за балансирање на економскиот развој со заштитата на природата и интересите на локалните заедници.
Министерката Божиновска ја повтори определбата на Министерството дека новите законски решенија треба да обезбедат предвидлив и транспарентен процес за инвеститорите, но истовремено да ги заштитат јавниот интерес и правата на граѓаните. Според неа, само таков пристап може да обезбеди долгорочен и одржлив развој на рударскиот сектор во земјата.
Стручната средба во Министерството претставува дел од поширокиот процес на подготовка на законските решенија, кои треба да создадат јасна правна рамка за геолошките истражувања и рударските активности, во согласност со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики. Препораките од независната експертска ревизија ќе бидат земени предвид при дополнителното унапредување на законските текстови.