Божиновска: Иновациите и новите технологии се клучни за сигурен енергетски систем и поконкурентна економија
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го отвори Саемот за енергетика, технологија и иновации „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“, при што нагласи дека енергетската транзиција бара стратешко планирање, нови инвестиции, модернизација на инфраструктурата и примена на иновативни технолошки решенија. На отворањето на саемот, Божиновска истакна дека енергетиката денес е многу повеќе од производство и снабдување со електрична енергија, бидејќи таа е директно поврзана со економската конкурентност, енергетската безбедност, технолошкиот развој и квалитетот на животот на граѓаните. „Одлуките што ги носиме денес во енергетскиот сектор ќе влијаат врз економијата на утрешнината, нашата отпорност на глобалните кризи и можностите што ќе им ги оставиме на идните генерации“, посочи министерката во своето обраќање. Таа нагласи дека успешната енергетска транзиција не подразбира само промена на изворите на енергија, туку и модернизација на мрежата, поголема енергетска ефикасност, дигитализација, складирање енергија и воведување паметни системи за управување. Божиновска посочи дека државата располага со значаен потенцијал за развој на обновливите извори на енергија, особено сончевата, ветерната и хидроенергијата. За целосно искористување на овој потенцијал, според неа, неопходни се паралелни инвестиции во инфраструктурата и технологиите што ќе обезбедат стабилно и сигурно функционирање на енергетскиот систем. Посебен акцент министерката стави на улогата на иновациите, дигиталните технологии, автоматизацијата и вештачката интелигенција во унапредувањето на индустриските процеси, намалувањето на потрошувачката на енергија и поефикасното користење на ресурсите. „Вистинската вредност на иновациите се гледа тогаш кога знаењето се претвора во конкретни решенија – поефикасни компании, подобри услуги, нови инвестиции и поквалитетен живот за граѓаните“, истакна Божиновска. Министерката ја нагласи и важноста од посилно поврзување на образованието, науката, индустри