Божиновска им порача на младите инженери: Вашите идеи се енергија за развојот на Македонија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се сретна со најдобрите млади инженери – добитници на престижното признание „Инженерски прстен“, со кои разговараше за нивните идеи, интереси, проекти и визијата за професионалната иднина. На средбата, како што соопштија од Министерството, младите инженери пред министерката ги претставија областите во кои се развиваат, проектите во кои се вклучени, темите што ги мотивираат, но и своите очекувања за професионалниот развој и можностите преку кои своето знаење и експертиза можат да ги стават во функција на развојот на земјата.
Божиновска ги охрабри младите инженери да не застануваат тука – да продолжат да учат, да создаваат, да иновираат и храбро да ги претвораат своите идеи во решенија што ќе придонесат за развојот на државата. „Секоја држава има потреба од знаење, но уште повеќе има потреба од млади луѓе кои знаењето знаат да го претворат во идеи, а идеите во конкретни решенија. Вашиот успех не е само личен успех – тој е и потенцијал за напредок на Македонија. Затоа, никогаш не престанувајте да прашувате, да истражувате и да создавате. Вратите на Министерството се отворени за младите, за нивните идеи, иницијативи и проекти“, порача министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за можностите за поголемо поврзување на младите инженери со институциите, за нивното учество во идни проекти и за создавање услови нивното знаење и иновативност да бидат дел од развојните процеси во земјата. Министерката посочи дека токму ваквите средби се можност институциите директно да слушнат што размислуваат младите, со какви предизвици се соочуваат и какви можности очекуваат.
„Ни требаат млади инженери кои ќе останат храбри во своите идеи и упорни во нивната реализација. Државата мора да создава простор за нивниот развој, а институциите да бидат нивен партнер. Сакам младите да знаат дека имаат место, можност и соговорник во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини“, истакна Божиновска.
Како симболичен поттик за нивните досегашни достигнувања и идните професионални успеси, Божиновска на младите инженери им додели посебни признанија за инженерски потенцијал и развој, со порака да продолжат по патот на знаењето, иновациите и професионалниот успех.
Признанијата „Инженерски прстен“ годинава се доделуваат по 23. пат, а досега со ова престижно признание се закитиле вкупно 257 инженери. Средбата на министерката со младите добитници се вклопува во заложбите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за поголемо поврзување на институциите со младите кадри и за нивно активно вклучување во развојните процеси во земјата.