Божиновска: Дигитализацијата на енергетиката носи ризици, мора да ги заштитиме системите од кибернапади

Дигитализацијата на енергетскиот сектор носи поголема ефикасност и подобри услуги, но истовремено отвора нови ризици од кибернапади, кои може да го загрозат снабдувањето со електрична енергија и функционирањето на критичната инфраструктура. Зајакнувањето на националните капацитети за кибербезбедност и подготовката за ваквите закани се во фокусот на проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Република Словачка.
Министерката за енергетика Сања Божиновска порача дека кибербезбедноста во енергетиката е прашање што ги засега сите – граѓаните, економијата и националната безбедност – и дека мора да се заштитат системите од закани што може да предизвикаат реални прекини и сериозни последици. „Кога зборуваме за енергетската безбедност, најчесто мислиме на сигурно снабдување, стабилна мрежа и доволно производствени капацитети. Но, денес, безбедноста на енергетскиот систем зависи и од заштитата на дигиталната инфраструктура“, истакна Божиновска на настанот „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од процена до отпорност – Патоказ за енергетскиот CSIRT“, организиран од УНДП.
Од УНДП посочуваат дека киберзаканите стануваат сè почести, а последиците од нападите врз критичните системи може директно да влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните. Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, на настанот раскажа пример што го слушнала додека доаѓала – дека украинската инфраструктура за известување во итни случаи била хакирана, а граѓаните почнале да добиваат пораки за нуклеарни закани. „Можете да замислите какво влијание може да имаат ваквите пораки врз населението. Ова е само еден од многубројните примери. Се чини дека, водени од добри намери, создадовме нешто за кое повеќе не знаеме како целосно да го контролираме“, истакна Чернишова.
Таа предупреди дека и Северна Македонија е изложена на вакви ризици, особено поради поврзаноста со регионалните пазари на електрична енергија и меѓусебно поврзаните електроенергетски системи. „Киберинцидент во соседна земја, на регионална пазарна платформа или кај заеднички давател на услуги може да го наруши тргувањето со електрична енергија, да ги намали можностите за балансирање на системот и да наметне ограничувања во снабдувањето“, посочи Чернишова.
Проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“ има за цел да ги зајакне националните капацитети за кибербезбедност и подготовката за ваквите закани, а настанот беше посветен на патот од процена до отпорност, вклучително и воспоставување на енергетски CSIRT – тим за одговор на компјутерски инциденти во енергетскиот сектор. Според изнесеното, дигитализацијата на енергетскиот сектор, иако носи ефикасност, создава и нови ранливи точки што бараат системска заштита на дигиталната инфраструктура врз која се потпира сигурното снабдување со електрична енергија.