Битолчани во редици пред Алта банка: стравот од 1997 година повторно се врати

Неизвесност, страв и вознемиреност владеат меѓу жителите на Битола чии сметки и штедни влогови се наоѓаат во Алта банка, откако банката соопшти дека од денеска за клиенти ќе бидат затворени сите нејзини експозитури. За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички на банката, што дополнително ја засили паниката меѓу граѓаните.
Само еден ден претходно, во саботата, од банката уверуваа во спротивното, порачувајќи им на клиентите дека нивните средства им се непречено достапни. Тој оптимизам исчезна за само еден ден, а Народната банка го ограничи подигнувањето на парите. Битолчани, загрижени за своите заштеди, коментираат дека „глувиот на слепиот не верува“ и дека е најдобро да ги извадат парите, додека други велат дека сè што кажале од банката „пу-пу не важи“ и дека ситуацијата личи на проаприлска шега.
Два дена претходно, банката преку соопштение тврдеше дека е ликвидна, но битолчани уште од саботата стоеја во редици чекајќи да си подигнат пари. За жал, вратите на банката биле предвреме затворени, а долги редици имало и на сите банкомати во градот. Се проценува дека граѓаните во државата успеале да извлечат над два милиони евра овие денови.
Оваа ситуација за битолчани потсетува на „земјотресот“ што во 1997 година им го приреди штедилницата ТАТ, по што последиците беа далекусежни за Битола и за штедачите од целата држава. Претходно, уште во времето на бивша Југославија, битолчани, најголем дел печалбари, настрадаа и со аферата „девизни заштеди“, кога во банките не им беа достапни нивните средства и се соочија со тоа вложените пари да ги земаат, како што велат битолчани, „лажица пред јадење, лажица по јадење“.
Она што се случува денес е неизвесност и паника и кај правните и кај физичките лица. Граѓаните не можат да пазарат во трговски дуќани или други големи продавници затоа што таму не им ги примаат картичките на Алта банка. Трговците се плашат дека потоа нема да можат да ги наплатат парите, што дополнително ја влошува состојбата во градот.
Најголем дел од јавните претпријатија и установи во Битола, како по некоја традиција, имаа сметки во Стопанска банка Битола, а потоа ги наследи Алта банка Битола. Сега, според соговорниците, неизвесно и без информација е како ќе работат правните лица. Во моментот е стопиран платниот промет и за физички и за правни лица, а речиси сите јавни претпријатија и установи од Битола се со сметки во Алта банка Битола, што значи дека сите тие се соочени со сериозни проблеми во работењето.
Голема вознемиреност владее во Битола токму поради тоа што општинските јавни претпријатија имаат сметки во Алта банка, а нејзините експозитури од денеска не работат. Граѓаните со страв го следат развојот на настаните, свесни дека она што се случува во моментот ги потсетува на најтешките моменти од нивната финансиска историја.