FinPortal.mk

Битолчани пред банкоматите: „Не знаеме која банка кога ќе рикне, не оставаме ни денар в банка

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Битолчани пред банкоматите: „Не знаеме која банка кога ќе рикне, не оставаме ни денар в банка

Голема неизвесност и растечки страв владеат во Битола по затворањето на вратите на Алта банка и воведувањето на привремена администрација, а граѓаните во редици пред банките и банкоматите бараат одговори, меѓу другото, и од гувернерот на Народната банка. „Во која иднина“, прашуваат гневните битолчани, додека довербата во банкарскиот систем, како што велат, се урива.

Уште од раните утрински часови граѓани чекаат во ред за да подигнат пари од двата банкомати пред главната зграда на Алта банка во центарот на Битола, а редици има и пред сите други банкомати низ градот. Дождот врне, но луѓето не се откажуваат и стрпливо чекаат да стигнат до своите пари. Едни вадат нови сметки во други банки, други подигаат заштеди, а гужви има и во нотарските канцеларии, каде пензионерите им даваат полномошно овластување на своите деца да им отворат нови сметки во други банки и да располагаат со нивните заштеди.

„Ако сите си ги повлечеме парите од банките, ќе настане крах на банкарскиот систем? Ама народот не е виновен. Виновни се тие што ја донесоа работата до овде, се нема доверба во банките“, коментираат граѓани собрани пред банките во Битола, кои си ги бараат парите од сите банки, а не само од Алта банка.

Еден повозрасен битолчанец раскажува дека чека за да си ги земе парите од банката. „Во оваа држава не се знае која банка кога ќе ‘рикне’. Шеќерот ми се крена, нозете не ме држат, ама ќе издржам, повеќе не оставам пари в банка, ни денар“, вели тој.

Друг граѓанин смета дека сите се во иста положба. „Не прашувајте, сите сме во иста каша, ако парите им ги оставиме на банките ќе ги лапне ‘ѓавалот’, ако ги ставиме под перница, ќе се накотат криминалци и арамии, на спиење ќе нѐ ограбуваат, никако обичниот човек не е заштитен во оваа држава, немоќни сме“, вели тој.

Во голема неизвесност е и одвивањето на платниот промет на правни лица кои имаат сметки во Алта банка и во некоја друга банка. Ако граѓанин со сметка во Алта банка сака да извади пари од друга банка, плаќа 250 денари провизија, односно треба да подигне само 9.750 денари, бидејќи остатокот оди на провизија.

Во печалбарска Битола засегнати се и повратниците од странство кои своите заштеди ги ставиле во Алта банка и на кои пензиите од Австралија, Америка и други европски земји им стигаат во таа банка. „Јас имам поголема сума на заштеда во Алта банка во долари, таму ја земам и австралиската пензија во девизи. Сега како на банкомат ќе извадам 250 австралиски долари? Зошто гувернерот не кажа што ќе биде со нас?“, вели пензионер повратник од Австралија. Тој додава дека нивна грешка е што не ги оставиле парите во банките во Австралија, со забелешка дека овде „дури има овци ќе стрижат“.

Неизвесноста и стравот во Битола растат, а граѓаните бараат одговори од гувернерот на Народната банка за тоа што ќе се случува понатаму со нивните заштеди и пензии. Довербата во банкарскиот систем, како што велат битолчани, е нарушена, а обичниот човек, според нивните зборови, останува немоќен и незаштитен.