Битола во неизвесност: стопиран платен промет во Алта банка, граѓаните се плашат од повторување на ТАТ

Паниката околу работењето на Алта банка АД Битола, поранешна Стопанска банка Битола, ги врати жителите на Битола во кошмарот од пропаѓањето на штедилницата ТАТ пред триесеттина години. По воведувањето привремена управа во банката, платниот промет е стопиран и за физичките и за правните лица, а граѓаните не можат да плаќаат со картичките на Алта банка во трговските дуќани и поголемите продавници, бидејќи трговците стравуваат дека потоа нема да можат да ги наплатат парите.
Според соговорници на „Независен“, состојбата е неизвесна и без информации за тоа како ќе работат правните лица. „Во моментот е стопиран платниот промет и за физички и за правни лица. Речиси сите јавни претпријатија и установи од Битола се со сметки во Алта банка Битола, што значи сите се соочуваме со неизвесност, а згора на сѐ почеток е на месецот и вработените треба да земат плата. Вака како што стои работата, плата не можат да поделат јавните претпријатија и установи“, изјавил раководител на јавна установа од Битола.
Најголем дел од јавните претпријатија и установи во Битола, како по некоја традиција, имале сметки во Стопанска банка Битола, која потоа била наследена од Алта банка Битола. Битолчани кои имале само една сметка во Алта банка Битола веќе чекаат редици по други банки за да отворат уште една сметка за да можат да земат плата. „Сите други банки се преполнети, физички лица бараат друга банка за да отворат сметки за да им помине платата. Битола е во хаос, сите што земавме плата преку Алта банка сме во исчекување“, вели битолчанка вработена во јавно претпријатие.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вчера изјавил дека централната банка воведува привремена управа во банката. Според последните финансиски податоци објавени заклучно со третиот квартал, односно 30 октомври 2026 година, на Македонската берза, финансиската состојба на Алта банка АД Битола го содржи следниот биланс: вкупна актива од 11,27 милијарди денари, депозити на клиенти како дел од пасивата од 8,91 милијарди денари и капитал и резерви како дел од пасивата од 1,98 милијарди денари. Уделот на ликвидната актива во вкупната актива на банката изнесува 43,91 отсто, што укажува на висок степен на расположливи брзи средства.
Она што предизвикува страв и несигурност кај битолчани се искуството и спомените од пропаѓањето на штедилницата ТАТ и сликите кои наликуваат на оние пред триесеттина години. Цане Миноски на социјалните мрежи коментирал „Немој некој да го спомнит ‘ТАТ’… не за друго, неубај спомени се будат…“, по што следат коментари дека се работи за „Српска пералница за пари“ и за „префрлени фрапантни 50 милиони евра од Србија во Македонија“.
Иако стравот е разбирлив, состојбата со платниот промет и со платите на вработените во јавните претпријатија и установи во Битола останува главното прашање на кое граѓаните и институциите во моментот немаат одговор, а преполнетите други банки во градот сведочат за обемот на неизвесноста што ја носи стопирањето на работењето на Алта банка.