FinPortal.mk

Бејли: Регулативата на вештачката интелигенција не е вистинската почетна точка

FinPortal.mk  · 
Бејли: Регулативата на вештачката интелигенција не е вистинската почетна точка

Гувернерот на Англиската централна банка, Ендрју Бејли, изјави дека регулирањето на вештачката интелигенција „не е вистинското место за почеток“, туку дека најпрво се потребни „ригорозни“ тестирања со цел да се откријат слабостите и да се воспостават заштитни мерки што ќе го ограничат ризикот. Во својот прв текст напишан за платформата Substack, Бејли оцени дека ризиците поврзани со вештачката интелигенција се „реални и сè позначајни“.

Според Бејли, развојот на вештачката интелигенција не треба да се запре ниту да се забрани. „Напротив, придобивките се огромни“, нагласи тој, но додаде дека мора да постои систем за интервенција и за воспоставување граници во кои функционира вештачката интелигенција. Тој посочи дека во Обединетото Кралство веќе се одвива „важна работа“ во тестирањето на вештачката интелигенција, преку основаниот Институт за безбедност на вештачката интелигенција, што треба да помогне во создавањето на збир на стандарди. Сепак, според него, „темпото на напредок мора да се забрза“, но со „степен на смиреност“.

Бејли објасни дека при тестирањето ќе има неуспеси и дека „моделите ќе се однесуваат неочекувано“, но тоа, како што рече, не е доказ дека тестирањето не успеало, туку доказ зошто е неопходно. Тој додаде дека тестирањето не треба да се гледа како замена за идната регулатива, бидејќи со текот на времето може да се појави поформална регулаторна рамка. „Но регулативата, според мене, не е вистинското место за почеток“, заклучи гувернерот.

Дебатата за потенцијалните ризици од забрзаниот развој на вештачката интелигенција се засили во последните недели. Чеlниците на водечките компании за вештачка интелигенција, како Anthropic и OpenAI, повикаа на забавување на развојот на технологијата и на меѓународно координиран пристап кон проценката на ризиците и воведувањето заштитни мерки. OpenAI неодамна објави дека нема да го пушти својот најнов модел на вештачка интелигенција поради безбедносни грижи.

Идејата за забавување, сепак, беше отфрлена од американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека САД ја предводат трката во вештачката интелигенција пред Кина, додавајќи: „И, искрено, сакам тоа така да остане, бидејќи кој ќе победи во вештачката интелигенција, победува.“ Во вторникот, по домаќинството на самит со водечките компании за вештачка интелигенција, меѓу кои OpenAI и Anthropic, Трамп соопшти дека директорите потпишале „морално обврзувачки“ документ што ќе служи како „форма на заштита“ од потенцијалните ризици на вештачката интелигенција. Според договорот, компаниите се одговорни за обезбедување на безбедноста на сопствената технологија.