Бејли: Инвестицискиот бум во вештачката интелигенција носи ризик од шокови на пазарите

Гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, предупреди дека вештачката интелигенција може да предизвика шокови на финансиските пазари и дека Обединетото Кралство мора да биде подготвено за нив. Во ексклузивно интервју за BBC, тој изјави дека централната банка „многу внимателно“ ги следи огромните суми пари што се вложуваат во оваа технологија и предупреди дека „не секогаш сите победуваат“.
Парите што во изминатите години се потрошени и позајмени на компании за вештачка интелигенција, со надеж за големи приноси, доведоа до тоа пазарите некои од нив да ги вреднуваат како бизниси вредни повеќе трилиони долари. Прашан дали верува дека може да пукне „балон“ во вештачката интелигенција, Бејли одговори: „Може да видите одредена корекција на цените на средствата во некој момент.
Тој оцени дека технологијата има „голем потенцијал да го зајакне растот на нашите економии“ и дека тоа е нешто што е потребно за земјата, но додаде дека носи и значителни ризици, поради што мора да се биде подготвен за двете страни. Еден од тие ризици е што ќе се случи ако големите облози на вештачката интелигенција не се исплатат. Производителот на чипови за вештачка интелигенција Nvidia во моментов е највредната котирана компанија во светот, со пазарна вредност од 5,5 трилиони долари, благодарение главно на инвеститорите кои веруваат во големите профити што може да ги создаде вештачката интелигенција. Истовремено, технолошките гиганти Alphabet, Meta, Microsoft и Amazon трошат стотици милијарди долари на оваа технологија, а две од најголемите компании за вештачка интелигенција во светот – Anthropic и OpenAI – се подготвуваат да продаваат акции на американскиот берзански пазар.
Бејли потсети дека „сите во моментов се вреднуваат како победници“, но предупреди дека тоа не било секогаш така во минатото. „Google не беше првиот пазарен лидер во интернет-пребарувањето. Тоа беше Netscape. Никој денес не се сеќава на Netscape. Не постои. Значи, не секогаш сите победуваат“, рече тој. Според него, Банката е подготвена за фактот дека ќе има одредени шокови на пазарите и мора да се справи со нив, осигурувајќи дека системот е отпорен.
Бејли посочи и на други ризици од вештачката интелигенција, меѓу кои нејзината употреба за сајбер-напади, бидејќи овозможува „многу помоќен начин на откривање слабости“ во оперативниот софтвер. Тој предупреди дека во погрешни раце таа е „многу моќно, потенцијално многу моќно оружје“. Како дополнителен ризик го наведе и ширењето на длабоки фалсификати – слики и видеа создадени со вештачка интелигенција што изгледаат реално. Бејли лично се соочил со тоа кога во јуни на платформата X беа промовирани лажни слики на кои тој и Најџел Фараж се тепаат. Тој изјави дека фалсификатите биле направени на начин што ја отежнал работата на Банката да открие од каде доаѓаат и дека е потребна голема помош од технолошкиот сектор за нивно следење.
Како голема потенцијална корист од вештачката интелигенција, Бејли ја наведе нејзината способност да го забрза работењето што го поддржува Комитетот за монетарна политика, кој ги одредува каматните стапки. „Таа не донесува одлука, туку е алатка во рацете на креаторот на политиката и тоа е добро“, рече тој.