Бејли и Георгиева предупредуваат: сајбер-измамите ја поткопуваат довербата во финансискиот систем

Челниците на Банката на Англија и на Меѓународниот монетарен фонд упатија остро предупредување дека сè почестите сајбер-напади ризикуваат да ја поткопаат довербата во финансискиот систем. Гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, и управната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, ја изнесоа оваа загриженост на панел-дискусија за интернет-измами на годишните средби на ММФ и Светската банка во Бангкок, Тајланд.
Бејли посочи на алармантни наслови за самореплицирачки вештачкоинтелигентни агенти кои преземаат контрола врз лични уреди, како и на хакирањето на француски супермаркет при што фрижидерите биле загреани до 50 степени. „Ако се обидете да кажете што е во сржта на оваа дебата за вештачката интелигенција – за мене тоа е довербата во технологијата и човечката контрола за да се постигне таа доверба во технологијата“, изјави тој. Според него, технологијата е од клучно значење за денешниот финансиски систем. „Ако немаме доверба во парите, не функционираме како општество“, додаде Бејли.
Георгиева ги сподели неговите грижи и оцени дека товарот од сајбер-измамите е толку голем што луѓето би можеле целосно да се повлечат од формалниот финансиски систем. „Родена сум и израснав од другата страна на железната завеса. Не верувавме на системата. Што правевме? Ги држев доларите во кутија за чевли под креветот“, раскажа бугарската економистка. „И денес се грижам дека, ако не смислиме како да бидеме пред оваа крива, имајќи ја предвид брзината, обемот и растечкиот трошок на измамите, може да завршиме со многу луѓе со кутии за чевли под креветите.“ Таа нагласи дека оваа закана е особено изразена за луѓето на маргините на финансискиот систем.
Нејзините коментари дојдоа по предупредувањето на ММФ од вторникот дека можноста за голем сајбер-напад е еден од факторите што го подигнаа нивото на глобална финансиска стабилност на „покачено“, заедно со повисоките трошоци за задолжување и ризикот од пад на цените на акциите поврзани со вештачката интелигенција. Бејли нагласи дека измамите денес често се вршат преку платформи и апликации на социјалните мрежи, не само преку традиционалните финансиски канали, и ги повика големите технолошки компании да преземат одговорност. Тој го спореди денешниот амбиент со правниот статус во Обединетото Кралство на медиумите како весниците, кои одговараат за вистинитоста на сè што објавуваат.
„Се поместивме во прилично екстремна позиција – овие платформи се отворени за секого и нема вистинска одговорност за она што се наоѓа на нив. Погодете што? Сè е на нив. Доброто, лошото и неверојатно грдото, сосема криминалното и страшното“, рече гувернерот. Тој додаде дека мора да се вклучат компаниите за социјални мрежи, бидејќи голем дел од измамите се пренесуваат преку тие канали. Бејли повика истите алатки што ги користат сајбер-криминалците да се стават во функција на заштита на финансискиот систем. „Ќе употребам спортска метафора: оваа технологија ја вооружува офанзивата, но може да ја вооружи и одбраната, и мора да го направи тоа“, порача тој. Панел-настанот на кој говореа двајцата беше посветен на лансирањето на нов сет меѓународни принципи за избегнување сајбер-измами во финансиските институции, наречен Бангкок-план.