Беџети вечерва за првпат пред камерите во „Претрес“: ДУИ се соочува со прашањата за Ахмети, судството и поделбата „наши и ваши

Пратеникот од Европскиот фронт и поранешен министер за правда и градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, вечерва е гостин во четвртата сезона на емисијата „Претрес со Ландов“, со што станува првиот функционер на ДУИ што гостува во оваа програма. Неговото појавување пред камерите доаѓа во момент кога партијата, по повеќе од две децении поминати во власта, се обидува да најде пат за враќање на политичката сцена и бара нови избори.
Во разговорот се отвораат прашањата што со години ја следат ДУИ, меѓу кои и одговорноста за состојбата во судството, институциите и државата. Беџети треба да одговара за лидерот на партијата Али Ахмети и најавите за негово повлекување, како и за улогата на Муса Џафери, Артан Груби и Рамиз Мерко во партиските и институционалните процеси. Посебен дел од разговорот е посветен на односите со Изет Меџити и ВЛЕН, но и на прашањето кој би можел да ја преземе партијата по Ахмети.
Пред Беџети се и прислушуваните разговори во кои се зборува за избор на претседател на Врховниот суд, за „наши“ судови и обвинителски места, како и за наводното политичко влијание врз Судскиот совет. Во емисијата ќе се разговара и за постапувањето во предметот „Монструм“, за односите со Сашо Мијалков, Никола Груевски и Зоран Заев, како и за прашањето кој навистина ги носел клучните одлуки додека ДУИ и СДСМ владееја заедно.
Тема на гостувањето е и кривичната пријава против Беџети, поврзана со сомнение за овозможување незаконска корист за фирми во износ поголем од 42 милиони денари. Пратеникот треба да одговори дали станува збор за политичка конструкција, како што тврди, и дали би се повлекол од пратеничката функција доколку против него биде поднесено обвинение.
Во „Претрес“ се отвора и прашањето за компанијата за изградба на станбени и деловни објекти што ја основаа неговите деца. Сопственичка е неговата 21-годишна ќерка, а управител е 19-годишниот син. Беџети ќе одговара од каде потекнува почетниот капитал и дали како долгогодишен функционер им помогнал со контакти, информации или институционални врски.
На маса се и американската црна листа, односот на ДУИ со САД, поддршката за Хашим Тачи, Законот за употреба на јазиците и протестите пред одлуките на Уставниот суд. Ќе се разговара и за националистичкиот наратив, поделбата на „наши“ и „ваши“ и честото претставување на барањето политичка одговорност како напад врз Албанците.
По дваесет години власт, ДУИ денес бара нови избори и најавува враќање, но пред тоа доаѓаат прашањата за одговорноста за претходните години и за внатрешните односи што ја обележаа работата на партијата. Гостувањето на Беџети е прв ваков настап на функционер на ДУИ во емисијата и претставува директен соочување со темите што досега најчесто остануваа надвор од партиската комуникација.