Банда украде вино вредно пет милиони евра од тосканската винарија „Маркези Антинори

Банда од најмалку седум маскирани лица упадна во визбата на престижната тосканска винарија „Маркези Антинори“ во Кортона и украде 30.000 шишиња вино вредни пет милиони евра, што се смета за најголем грабеж од ваков вид во Италија. Крадците најпрво ги исклучиле алармите и надзорните камери, по што со вилушкари на компанијата натовариле два големи камиона и избегале.
Меѓу украдените шишиња се и најценетите етикети за колекционери и потрошувачи, како „Солаја“, „Гвадо ал Тасо“ и „Тињанело“, познато како едно од првите црвени вина во Тоскана произведено без бело грозје. Сите украдени шишиња, со цена меѓу 120 и 400 евра за шише, се од бербата на компанијата во 2023 година. Кражбата се случила во саботата, додека компанијата со седиште во ридското гратче Кортона се подготвувала за голема пратка до купувачи во странство, но била откриена дури кога вработените пристигнале на работа во понеделник наутро.
„Бандата беше многу подготвена. Кражба од овој обем и вредност досега не се случила во Италија“, изјави Ренцо Котарела, извршен директор на „Маркези Антинори“, за „Кориере дела Сера“. Тој изрази „голема доверба“ дека истражителите ќе го пронајдат украденото вино, меѓу кое има и 3.000 шишиња „Бароло Џинестра“, дел од нив со големина магнум. „Два камиона полни со стока не можат едноставно да исчезнат во воздух. Тосканските патишта се полни со камери. Можеби со малку среќа ќе успееме да вратиме барем дел од шишињата“, додаде тој.
Во последните месеци имало неколку кражби во италијански винарии, меѓу кои и една во Алба, во северниот регион Пиемонт, во средината на септември. Котарела, кој претпоставува дека истата банда можеби била вмешана, никогаш не замислувал дека кражба од таков обем ќе се случи во неговата компанија. За жал, полисите за осигурување на компанијата не покриваат грабеж на вино со толку огромна вредност. „Секогаш ја разгледувавме можноста неколку гајби вино да бидат украдени при транспортот, но сигурно не дека два камиона ќе успеат да влезат во визбата и да избегаат со толку огромен плен“, изјави тој за „Кориере“.
Ваквите големи кражби на вино вообичаено се темелно подготвени и најверојатно ги изведуваат луѓе со длабоко познавање на виното, а целната дестинација можеби се колекционери, барови или ресторани, наведува „Кориере“. Сепак, наглото зголемување на понудата на такви вина би можело да предизвика сомнеж. Додека истражителите ја продолжуваат потрагата, Котарела рече дека компанијата, основана во 1385 година, ги предупредила клиентите да бидат внимателни со какви било понуди за нејзиното вино надвор од официјалните канали.