Автомобилската индустрија бара од Трамп да ја задржи вратата затворена за кинеските производители

Големите автомобилски компании, добавувачи и дилери во САД упатија апел до претседателот Доналд Трамп да ги задржи кинеските автомобилски производители надвор од американскиот пазар, пред неговата средба со кинескиот претседател Си Ѓинпинг следната недела. Апелот е испратен во писмо потпишано од шест индустриски здруженија кои ги претставуваат General Motors, Toyota, Volkswagen, Ford, Hyundai, Stellantis, Tesla и други производители.
Во писмото се наведува дека кинеските производители на автомобили имаат нула пазарно учество во САД и се предупредува дека дозволувањето да отворат домашна фабрика би им дало упориште на американскиот пазар на сметка на производителите кои веќе работат таму. Потписниците тврдат дека кинеските инвестиции во САД не би создале нови американски работни места, туку би ги пренасочиле работните места од производителите кои направиле генерациски инвестиции во САД кон компании во сопственост и под управа на кинеската влада.
Апелот доаѓа откако Трамп минатата недела изјави за Fox News дека нема ништо против кинеските автомобилски компании да градат возила во САД. Белата куќа и кинеската амбасада во Вашингтон не дадоа веднаш коментар. Демократската сенаторка од Мичиген, Елиса Слоткин, се повика на извештај дека Си може да ја донесе кинеската автомобилска компанија BYD во Вашингтон на состаноците, оценувајќи дека во тој случај може да се претпостави оти има договори во подготовка за дозволување увоз на кинески автомобили или за поканување кинески компании да отворат свои претставништва во САД.
Администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден на почетокот на 2025 година воведе регулатива со која практично им се забранува на сите кинески производители да продаваат или да градат патнички возила во САД, со образложение дека би можеле да испраќаат чувствителни податоци за возачите во Кина. Вашингтон исто така одржува царини од над 100 отсто за кинеските електрични возила, а Конгресот во моментот разгледува закон со кој забраната за кинески возила би се заострила. Регулативата опфаќа Bluetooth, Wi-Fi, мобилна поврзаност и некои сателитски комуникациски технологии, врз основа на безбедносни грижи поврзани со способноста на возилата да собираат чувствителни податоци за американските сопственици.