Австриски државјанин стана првиот регистриран странски лобист во Македонија

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска донесе решение со кое го регистрира првиот странец лобист во земјава, државјанин на Австрија. Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, на јавна седница информираше дека до Комисијата било доставено барање од физичко лице, државјанин на друга држава, за запишување во Регистерот на лобисти, лоби организации и лобирање, а по проверка на податоците и исполнување на законските услови, лицето без пречки е запишано во Регистерот.
„Ова е прв случај на странец, државјанин на Австрија, да се запише како лобист во земјава“, изјави Чучуљ на седницата. Според информациите што ги презентираше членот на ДКСК, Бесник Џемаили, лобистот се регистрира за лобирање во областа здравствена заштита, безбедност на храна, труд и социјална политика, економија, внатрешен пазар, занаетчиство, енергетика, заштита на животна средина и ветеринарство, транспорт, телекомуникации, градежно земјиште, буџет и финансии, девизно работење, локална самоуправа и локален економски развој и друго.
Во Регистерот на лобисти, лоби организации и лобирање кој го води ДКСК во моментов има три лоби организации и два лобисти, а од денеска и еден лобист странец регистриран согласно актуелниот Законот за лобирање, кој е во фаза на измени и дополнување. Според членката на ДКСК, Софија Спасова Медарска, формираната работна група завршила со измените и дополнувањата на Законот за лобирање и оформен е финалниот текст кој ќе биде проследен во владина процедура. Се очекува до крајот на годината измените на законот да бидат донесени, но тоа е во надлежност на Министерството за правда.
Суштинска новина во измените на законот е зајакнатата надзорна улога на ДКСК за органите кај кои што се лобира, бидејќи досега немало регистрирани активности. „Позитивно е што се регистрираат лобисти вклучувајќи и странец како физичко лице, но ние сакаме да имаме и пријавени активности на лобистите и лоби организациите, како и од органите кај кои се лобира“, изјави за МИА Спасова Медарска.
Членовите на ДКСК денеска разгледаа 63 предмети од надлежност на Комисијата поднесени од познато или непознато лице, како и по сопствена иницијатива, а во три случаи ДКСК предметите ќе ги достави на постапување во Јавното обвинителство. Регистрацијата на првиот странски лобист доаѓа во момент кога ДКСК го завршува финалниот текст на измените на Законот за лобирање, со кои се очекува да се зајакне надзорот и да се поттикне пријавувањето на лобистичките активности, што досега изостанувало во практиката.