Австралиските домаќинства најпесимистични од рецесијата во 1990-тите по новото покачување на каматите

Довербата на австралиските потрошувачи падна на најниско ниво во последните три децении, откако Резервната банка на Австралија (РБА) минатиот месец ги покачи каматните стапки по четврти пат оваа година, објави весникот „Гардијан“. Според индексот на потрошувачко расположение на „Вестпак“ и Институтот „Мелбурн“, довербата меѓу австралиските потрошувачи е намалена за околу 20 отсто откако централната банка ги подигна каматните стапки на највисоко ниво од 2011 година.
Анкетата, спроведена меѓу 28 септември и 1 октомври, покажа дека индексот на доверба паднал за 4,7 отсто на 80,4 отсто во октомври — најлошо ниво од избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток на почетокот на април. Но, кај испитаниците анкетирани по одлуката на РБА на 29 септември, индексот паднал на 67,2 отсто — најниско ниво од крајот на 1990-тите. Тоа е главно во согласност со неделната анкета на потрошувачите на „АНЗ-Рој Морган“, која паднала за околу 5 отсто на 67,1 поен.
Раководителот за австралиски макро-прогнози во „Вестпак“, Метју Хасан, изјави дека расположението е исклучително слабо најдолг период од „катастрофалната“ рецесија во раните 1990-ти.
„Австралиските потрошувачи остануваат заглавени во кошмар на трошоците за живот на кој не му се гледа крајот“, рече Хасан. „Најновиот потег на РБА изгледа дека силно ги вознемири потрошувачите. Одговорите во текот на анкетната недела покажуваат многу остро влошување откако беше објавена одлуката.
Проценките за семејните финансии и расположението на купувачите беа најпогодените категории. Очекувањата за економските изгледи паднаа помалку остро, но проценките за економијата во следните пет години се вратија на ниски нивоа невидени од август 2020 година, кратко по вториот карантин во Мелбурн и пред да бидат проширени субвенциите за задржување работни места.
Економистот од „АМП“, Мај Буи, рече дека падот не е изненадувачки со оглед на покачувањето на каматите во септември и растот на цените на горивата.
„Според нашата пресметка, неделната сметка за бензин на типично австралиско домаќинство е зголемена за 20 долари во однос на почетокот на годината“, рече Буи. „Загрижувачко кај опаѓачката доверба е тоа што таа има тенденција да корелира со трошењето на домаќинствата по глава на жител: надолниот тренд на довербата во последните 12 месеци укажува дека потрошувачката по лице веројатно дополнително ќе падне во контракција оваа година.
Сопствениците на хипотеки беа најпесимистичната подгрупа на сопственици на домови поради растот на трошоците за задолжување, со 77 индексни поени. Оние кои целосно го поседуваат својот дом доживеаја најголем пад на расположението во месецот, бидејќи падот на пазарот на домување се продолжи по шести пат. Кираџиите беа најоптимистични, непроменети на 84,8 поени.
Хасан рече дека стравувањата од губење работни места растат, а очекувањата за невработеност се зголемија за 1,9 отсто. Но, сè уште има знаци дека пазарот на трудот останува силен. Аналитичарите на „Сити“, Џош Вилијамсон и Фараз Сајед, рекоа дека „слободните работни места се зголемени на двегодишен максимум од 122 поени, што се совпаѓа со очекувањата за позитивен раст на вработеноста“.