FinPortal.mk

Апелациониот суд Скопје со 16 судии помалку од предвиденото, недостигаат и поротници

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Апелациониот суд Скопје со 16 судии помалку од предвиденото, недостигаат и поротници

Апелациониот суд Скопје се соочува со сериозен кадровски недостиг, откако според систематизацијата во оваа судска институција треба да работат 51 судија и претседател на судот, а во моментов судиската функција ја извршуваат само 35 судии. Ова го изјави вршителот на должност претседател на Апелациониот суд Скопје, Зоран Герасимоски, на брифинг со новинарите, пренесе Нова Македонија.

Герасимоски посочи дека проблемот со недостигот на судски кадар се провлекува подолг период и дека тоа е состојба која не е од денес. Според него, во моментов судиската функција во Апелациониот суд Скопје ја вршат само 35 судии, што е значително под бројката предвидена со систематизацијата.

Недостигот не е ограничен само на судиите. Герасимоски додаде дека од предвидени 245 работни места во судската служба, пополнети се 101, а иако за 2026 година се одобрени 10 нови вработувања, нивната реализација сè уште е во тек.

Дополнителен проблем, според него, е недостигот на судии-поротници. Тој потенцираше дека од предвидени 32 места, во моментов се пополнети само седум. Како причина за ваквата состојба го наведе надоместокот, кој е утврден уште во 2018 година и оттогаш не е променет, што значи дека износот од 570 денари на дневна основа е премногу мал за да привлече поротници.

И покрај кадровските предизвици, в.д. претседателот на Апелациониот суд Скопје оцени дека судот ќе продолжи да работи ажурно. Тој нагласи дека смета оти и со оваа бројка на судии и со оваа администрација, каква што е во овој момент, Апелациониот суд Скопје ќе остане ажурен суд.

Во однос на прашањето за спречување на корупцијата во судството, Герасимоски истакна дека ќе се почитува презумпцијата на невиност во случаите кои се водат пред надлежните судови и дека доколку се појават сомнежи за корупција, ќе бидат преземени соодветни мерки преку надлежните институции. Тој рече дека не знае дали има корупција во судот, но дека ќе ја почитува презумпцијата на невиност за судијата Ѓоко Ристов до конечно завршување на случајот што се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје. Герасимоски нагласи дека доколку такви случаи дојдат до него како в.д. претседател на судот, нормално ќе се преземаат соодветни мерки преку соодветните институции за да се делува веднаш.

Прашан за очекувањата околу изборот за претседател на судот, Герасимоски рече дека очекува да биде избран и оцени дека Судскиот совет ги има сите услови и механизми да ја заврши постапката.