Апасиев во Собрание: Дали Мицкоски ја води државата како премиер или како менаџер на семејниот бизнис?

Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања го отвори прашањето за деловната мрежа на лица од семејното опкружување на премиерот Христијан Мицкоски. Преку визуелизација со имиња, компании, деловни врски и партиски донации, Апасиев побара одговор дали постои судир меѓу приватните економски интереси на роднините на премиерот и вршењето на јавната власт, прашувајќи дали државата се води како премиер или како менаџер на фамилијарниот бизнис.
Во фокусот на неговото излагање беше Јорданчо Јанев – Дано, кој во јавноста веќе е познат како баџанак на Мицкоски. Според податоците што ги презентираше Апасиев, Јанев е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано Транс“, „Интерпласт Груп“, „Шалом Фуд Груп“ и новооснованите „Шалом Деливери“ и „Д-Дигитал Конто“.
Апасиев посочи дека дел од компаниите се основани по промената на власта во 2024 година, како и на деловните врски со братучедот на Јанев, Дончо Карастоев, за кого презентираше дополнителна мрежа од девет компании.
Како посебен пример во своето излагање, Апасиев го наведе договорот за организирање свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите петнаесет тивериополски маченици во Струмица. Според она што го презентираше, првиот тендер на општината под раководство на новиот градоначалник Петар Јанков завршил кај фирма поврзана со баџанакот на Мицкоски, кој истовремено бил кум и покровител на прославата.
Апасиев го проблематизираше ваквиот однос меѓу јавните средства и приватниот бизнис, особено во контекст на општина за која наведе дека има јавен долг од 16 милиони. Со тоа, пратеникот на Левица побара одговор за можниот судир на интереси меѓу приватните економски активности на лица блиски до премиерот и нивното влијание врз јавните набавки и трошењето на јавни пари.
Седницата за пратенички прашања беше искористена како форум на кој Апасиев детално ја претстави мрежата на компании и деловни врски, повикувајќи на одговорност и транспарентност во работењето на институциите. Тој инсистираше дека граѓаните имаат право да знаат дали јавната власт се користи за приватни цели и дали тендерите се доделуваат според однапред воспоставени деловни врски.