FinPortal.mk

Апасиев објави отфрлена пријава за закани: „Само бензин и кибрит“ за Обвинителството е политички говор

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Апасиев објави отфрлена пријава за закани: „Само бензин и кибрит“ за Обвинителството е политички говор

Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев објави дел од списите од предмет во кој, како што наведува, пријавил повеќе закани по неговиот живот, тело и семејство, но Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрлило пријавата. Апасиев случајот го објави како споредба со неодамнешното постапување на институциите по заканата упатена кон премиерот Христијан Мицкоски – „Свињо, ќе те колам на плоштад“, за која беше поведена итна постапка.

Според објавата на Апасиев, заканите кои ги добивал во пораки и коментари следувале по негово телевизиско гостување. Меѓу нив тој ги наведува пораките „Лек за тебе е бесилка“, „За тебе само бензин и кибрит“, „Куќа ти горела, деца ти се радујеле“, „Иначе, тебе знаеме што ќе ти правиме“, „Ќе јадеш тежок ќотек по муцки“, „Смрт за ваквите“ и „Вахабиите жена ти да ти ја е*ат“, како и повик да се собираат пари за негов погреб.

Апасиев наведува дека станувало збор за пораки од радикални и екстремистички религиозни структури, но дека тие не биле доволни за ОЈО Скопје да поведе кривична постапка. Во прилог на објавата, тој објави и фотографија од образложението на решението на ОЈО Скопје.

Во решението, меѓу другото, се наведува дека како основ за коментарите биле изјавите на оштетениот објавени на повеќе социјални медиуми, поврзани со политичките случувања во државата, како и фактот дека во тој период бил активен политичар, пратеник и лидер на политичка партија. „Наоѓам дека истите претставуваат политички говор, односно може да бидат сместени во категоријата на политичка дебата, во однос на која праксата на Европскиот суд за човекови права дозволува многу пошироко поставени лимити за критицизам“, се наведува во објавениот документ.

Во продолжение, обвинителството оценило дека, иако коментарите биле „непријатни за читање, навредливи“ и претставувале „агресивна и нецелосно урамнотежена критика и напад врз политичките ставови на оштетениот“, тие не можеле да бидат ограничени кога станува збор за политички говор. Во решението се наведува и дека пријавените „очигледно не ја злоупотребиле својата слобода на изразување со ширење на говор на омраза“, како и дека не биле исполнети условите за примена на казнено-правни рестрикции на слободата на изразување.

Апасиев преку објавата го проблематизира „различното институционално постапување“ во случаите на закани кон политички претставници, споредувајќи го третманот на неговата пријава со итната постапка поведена по заканата упатена кон премиерот Мицкоски. Тој не прецизира дополнителни детали за тоа кога точно биле упатени заканите кон него, ниту пак наведува кои конкретни лица ги испратиле.