FinPortal.mk

Апасиев го праша Мицкоски за бизнисите на неговиот баџанак Дано, премиерот го нарече еретик

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Апасиев го праша Мицкоски за бизнисите на неговиот баџанак Дано, премиерот го нарече еретик

На седницата за пратенички прашања од опозицијата во Парламентот, пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, го отвори прашањето за бизнисите со Бугарија на Јорданчо Јанев, познат како Дано, баџанак на премиерот Христијан Мицкоски. Според Апасиев, станува збор за тема за која премиерот е најсилен, а тој најслаб — бизнисот.

Апасиев го опиша Јанев како „многу плоден бизнисмен“ и потсети на шемите од аферата „Плацевите на Водно“, за која поранешниот премиер Никола Груевски доби пресуда од девет години затвор. Според пратеникот, истите контури се повторуваат: перење пари, офшор фирми, иако тој самиот призна дека не нашол офшор, туку бугарски фирми, потоа роднини на премиерот — тогаш кум, сега баџанак, парцели, недвижнини и профити, како и братучеди кои мора да бидат ортаци.

Пратеникот на Левица тврди дека Јанев има бугарско гражданство, за кое рече дека го има од 2017 година, ако не се лаже, и дека „он така се осеќа“. Според Апасиев, баџанакот на премиерот има шест фирми, можеби и повеќе, но тој нашол шест — четири во Македонија и две во Бугарија. Првата, „Дано транс“, е основана во 2003 година и се занимава со камиони, со милион евра приход, а во неа има еден вработен, Влатко Јовановски, кој сега е инвеститор во градежниот сектор во Струмица.

Апасиев го искористи и турскиот збор „баџанак“, потсетувајќи на песната „Аџанак-баџанак, на кој му стиска нека дојде“, велејќи дека нему му „стиска“ и затоа дојде да го постави прашањето.

По излагањето на Апасиев, премиерот Мицкоски возврати со остра реакција. Тој го нарече Апасиев кукавица и сноб што пазари во Тесалоники, по што лидерот на Левица му врати дека е инфериорен сноб кој носи рачни часовници од по 60.000 евра и кој „мисли дека со тоа ќе напраи некоја поголема вредност меѓу Мирјаниве овде“, покажувајќи кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот, пак, го нарече Апасиев еретик.

Расправата во Парламентот се водеше на тема бизнисите на баџанакот на премиерот, кои неофицијално се зборуваат уште од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт на чело со Мицкоски. Апасиев инсистираше дека шемата со фирми, роднини и недвижнини е повторување на моделите од минатото, додека премиерот одговори со лични навреди кон пратеникот на Левица.