Антиестаблишментскиот бран го разбуди американскиот џин — дали демократите ќе го искористат?

Големиот заспан џин на САД се разбуди, внимателно погледна што стана од државата и грмогласно извика „НЕ!“ Тоа е оценката на Роберт Рајх, поранешен американски секретар за труд и колумнист на „Гардијан“, за резултатите од неодамнешните избори во САД. Според него, она што се случи не било неизбежното среднорочно нишање на нишалото против партијата на власт, како што тврдат некои.
Рајх потсетува дека Тексас не избрал демократски сенатор од 1988 година, а Канзас последен пат избрал демократски сенатор во 1932 година. Ниту економијата не е единственото објаснување: Американците се незадоволни од високите цени, но инфлацијата не е надвор од контрола, земјата не е во депресија или рецесија, а невработеноста останува доста ниска. Според него, ниту Доналд Трамп не е главната причина, бидејќи тој не бил на гласачкото ливче, повеќето републикански кандидати едвај го споменувале, а многу демократски кандидати се фокусирале на локални или државни прашања.
Иронијата, според Рајх, е што токму антиестаблишментскиот гнев го донесе Трамп во претседателската функција во 2016 и повторно во 2024 година. Многу Американци во неговите политички некоректни изливи и во неговиот нативизам „Америка прво“ го препознале сопствениот гнев поради непочитување и запоставување. „Јас сум ваш воин“, им рекол тој на поддржувачите кога ја објавил кандидатурата за изборите во 2024 година. Но во вториот мандат, тврди Рајх, Трамп се претворил токму во естаблишментот против кој порано се бунтувал: им дал даночни олеснувања и субвенции на технолошките милијардери, ги промовирал нивната вештачка интелигенција и нивните дата-центри, го поставил Илон Маск на чело на таканаречениот „оддел за владина ефикасност“ (Doge), ја застапувал нивната криптовалута и започнал војна на Блискиот Исток — што не само што ги надуло цените на горивата, туку и им донело милијарди на големите нафтени компании и збогатило производители на оружје и инвеститори, вклучително и неговото семејство.
Според анкетата на CNBC од крајот на октомври, корупцијата била главното прашање во главите на гласачите. Многу од оние што гласале за Трамп во 2016 и во 2024 година сега го напуштиле поради, како што пишува Рајх, очигледната корупција, крони-капитализмот и желбата да се биде на златната страна на новото американско „позлатено доба“. Антиестаблишментскиот популизам, додава тој, цврсто се вкоренил и во Демократската партија: новоизбраниот кандидат за Сенат од Тексас, Џејмс Таларико, изјавил дека најголемата поделба во земјата не е лево против десно, туку горе против долу; Шерод Браун го вратил сенатското место од Охајо главно благодарение на гневот на гласачите против дата-центрите и технолошките милијардери зад нив; Абдул Ел-Сајед постојано ги потсетувал гласачите во Мичиген дека неговиот противник Мајк Роџерс е поддржан од големи корпорации и мега-донори. Дури и победникот од Канзас, Адам Хамилтон, кој одбил да ја прифати етикетата „левичар“, ја водил кампањата за да плаќаат дата-центрите за сопствената енергија, за забрана на тргување со акции за пратениците, за проширување на преговорите за цените на лековите во рамките на Medicare и за заострување на контролата врз неоправданото покачување на цените. Тој, како и повеќето демократски кандидати за Сенат, одбил пари од корпоративните политички комитети.
Вистинското прашање што Рајх си го поставува е дали демократите, кога во јануари ќе го преземат контролата врз Конгресот, ќе го искористат новиот популизам за да донесат мерки што им се потребни на повеќето Американци, како Medicare for All, и реформи што ги сакаат, како построги антимонополски закони и ограничувања на придонесите за кампањи, дури и ако тоа бара уставен амандман. Трамп веројатно ќе стави вето на таквите иницијативи, но тие барем ќе постават ориентири за претседателските избори во 2028 година, кои, судејќи според она што го видовме, најверојатно ќе бидат популистички.