Anthropic поднесе барање за берзанско котирање во САД, проценета на над 1,5 трилиони долари

Компанијата Anthropic, основана во 2021 година со седиште во Сан Франциско, јавно поднесе барање за берзанско котирање на американскиот пазар, што според аналитичарите и инвеститорите би можело да биде едно од најголемите дебија во историјата на САД. Компанијата ќе се котира под симболот ANT, а во јуни годинава доверливо поднела барање до американските финансиски регулатори за првична јавна понуда (IPO).
Anthropic, чиј главен производ е чат-ботот Claude, е лидер во трката за создавање моќни модели на вештачка интелигенција и показател за американскиот бум на ВИ. Извршниот директор Дарио Амодеи ја основал компанијата откако ја напуштил OpenAI, производителот на ChatGPT. Во проспектот за инвеститорите компанијата наведува дека верува оти вештачката интелигенција е една од најзначајните технологии во човечката историја, но нејзините истражувачи и раководители постојано предупредуваат и на можноста ВИ да предизвика изумирање на човештвото.
Ревидираните финансиски извештаи на Anthropic за првпат јавно откриваат детали за нејзиното финансиско здравје, кое во последните месеци беше предмет на интензивни шпекулации поради прашањата за потенцијален балон во ВИ.
И покрај растот на приходите, Anthropic откри нето загуба од 80 милијарди долари за првата половина од 2026 година. До крајот на јуни компанијата собрала 141,1 милијарда долари, а заклучно со 30 септември имала повеќе од 14.000 корпоративни клиенти, од кои 11.900 остварувале приходи од 100.000 долари или повеќе, над 1.900 имале приходи од еден милион долари или повеќе, а околу 250 клиенти остварувале приходи од 10 милиони долари или повеќе.
Во документот се наведени и повеќе од 90 страници потенцијални ризици за бизнисот. Четвртина од приходите на компанијата доаѓаат од нејзините пет најголеми клиенти, иако ниту еден клиент не учествува со повеќе од 10 отсто во бизнисот. Компанијата има и долг од 6,2 милијарди долари настанат при изградбата на инфраструктурата, вклучително и конвертибилни записи издадени на Amazon Web Services во 2023 година. Раководителите наведуваат четири категории потенцијални ризици поврзани со ВИ: злоупотреба од лоши актери, губење контрола, авторитарна злоупотреба и економска дестабилизација. Компанијата откри и дека во септември 2025 година вработените документирале, според нивното уверување, прв кибернапад од големи размери што не барал значителна човечка интервенција — хакерска група поддржана од кинеската држава наводно го навела алатот Claude Code да се обиде да изврши инфилтрација во околу 30 глобални цели, вклучително големи технолошки компании и финансиски институции.