Андоновски: Ниту еден податочен центар нема да има предност пред снабдувањето на граѓаните со струја и вода
FinPortal.mk · 24.9.2026 г.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска во Собранието, одговарајќи на пратенички прашања, јасно стави до знаење дека ниту еден инвестициски проект во областа на податочните центри нема да добие предност пред сигурното снабдување на граѓаните со вода и електрична енергија. Тој појасни дека Владата работи на две одделни насоки — создавање услови за приватни инвестиции во центри за податоци и изградба на Национален податочен центар за потребите на државните институции. „Приватните центри за податоци се можност за нов капитал, работа за домашните компании, специјализирани работни места и развој на ИКТ-индустријата. Националниот податочен центар, пак, е проект за модернизација и подобра заштита на државната дигитална инфраструктура“, истакна Андоновски пред пратениците. Министерот нагласи дека економската корист од ваквите проекти треба да се оценува и преку ангажманот на домашните добавувачи, развојот на инфраструктурата и можностите за македонските компании и инженери. Според него, секој потенцијален проект мора да ги помине техничките, водостопанските, еколошките и другите законски постапки, без исклучок и без забрзани процедури. Андоновски додаде дека приватните инвеститори ќе мора да ги обезбедат своите енергетски потреби согласно законските процедури и тоа по пазарна цена. Оваа порака доаѓа во момент кога во јавноста се водат дебати за тоа колку големите податочни центри, кои се енергетски интензивни, можат да влијаат врз достапноста и цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите бизниси. За Националниот податочен центар, министерот објасни дека е планиран со инсталирана моќност под еден мегават и дека ќе служи за информациските системи на државните институции. Целта е системите што можат безбедно да се обединат постепено да се преместат од повеќе од дваесет одделни серверски и податочни локации во заедничка инфраструктура. Тоа, како што рече, треба да донесе поголема безбедност, поефикасно управување и намалување на трошоци