FinPortal.mk

Андоновски: Дигиталната трансформација бара заеднички чекор на државата, граѓаните и компаниите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Андоновски: Дигиталната трансформација бара заеднички чекор на државата, граѓаните и компаниите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во Скопје учествуваше на панел-дискусија во рамките на настанот на Светска банка, на кој беше претставен новиот Извештај за раст и работни места во Македонија. Настанот го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а во фокусот на обраќањето на Андоновски беа дигитализацијата на услугите, поддршката за дигитална трансформација на компаниите и потребата од поактивно користење на достапните дигитални решенија.

Андоновски истакна дека напредокот во дигитализацијата треба да се мери и преку реалната примена на услугите и придобивките што тие ги носат за граѓаните и за стопанството. Според него, бројот на електронски услуги на Националниот портал за електронски услуги е зголемен од 120 на 360, а на Платформата за интероперабилност, која овозможува меѓусебна комуникација и размена на податоци, бројот на поврзани институции е зголемен од околу 60 на 95.

„На Националниот портал за електронски услуги го зголемивме бројот од 120 на 360 електронски услуги, а на Платформата за интероперабилност, која овозможува меѓусебна комуникација и размена на податоци, од околу 60 стигнавме до 95 поврзани институции. За компаниите дигитализиравме десетина од најкористените услуги, кои самите ги посочија како потребни, меѓу кои потврдите за неосудуваност на правни лица и различни изводи“, посочи Андоновски.

Министерот нагласи дека паралелно со зголемувањето на понудата на електронски услуги, потребно е да се работи и на нивното пошироко прифаќање. Како пример ги наведе услугите поврзани со извозот на вино и тутун од Државниот инспекторат за земјоделство, кај кои, и покрај значителното скратување на времето преку дигиталната постапка, дел од компаниите сè уште избираат да ги користат шалтерите.

„И кога ќе дигитализираме услуга која од 10 до 20 пати го скратува времето потребно за одредена компанија, таа повторно одбира да користи шалтер. Главната поента е да креираме екосистем кој ги користи услугите“, истакна Андоновски.

Дополнително, Андоновски ја нагласи поддршката за бизнис-секторот преку двата дигитални иновациски хаба, ИНО-ФЕИТ ЕДИХ и ДИГИТ-МАК, предводени од ФЕИТ и ФИНКИ. Преку кофинансирање од државата и Европската Унија, овие конзорциуми им овозможуваат на компаниите бесплатна поддршка за изработка на патокази за дигитализација, анализа на нивните потреби и тестирање на можни решенија.

„Целта е фирмите да знаат што им е потребно за да се дигитализираат. Овие услуги се достапни бесплатно и имаат простор за поголема искористеност. Мораме заедно да го чекориме овој пат, државата, граѓаните и компаниите“, порача Андоновски.