АМД ја премина границата од илјада милијарди долари — пазарот ја признава трансформацијата на Лиза Су
Акциите на АМД пораснаа за 9,9 отсто во понеделникот, со што пазарната капитализација на производителот на чипови за првпат ја надмина границата од илјада милијарди долари. Растот се случи во услови на поширок рели на технолошките акции, а годинашниот учинок на компанијата е уште повпечатлив — акцијата е порасната за 185 отсто од почетокот на годината, што е далеку над 22 отсто колку што забележала конкуренцијата Nvidia.
Преобразбата на АМД се врзува со Лиза Су, која во компанијата влезе како висок функционер во 2012 година, кога таа беше пред банкрот, а од 2014 година ја води како извршен директор. Под нејзино раководство АМД склучи големи зделки, меѓу кои и преземањето на Xilinx и партнерството со Meta, според кое таа компанија во иднина би можела да поседува до 10 отсто од АМД.
Резултатите за вториот квартал годинава беа над очекувањата на Волстрит по сите основи. Компанијата објави рекордна заработка по акција од 1,66 долари, наспроти консензусните проценки од 1,61 долар, додека вкупните приходи пораснаа за 50 отсто на годишно ниво, до рекордни 11,5 милијарди долари, над проекциите на аналитичарите од околу 11,34 милијарди долари. Мотор на растот беше сегментот за податочни центри, чии приходи повеќе од двојно се зголемија на годишно ниво, на 6,7 милијарди долари, благодарение на силната побарувачка за серверските процесори EPYC и AI-акцелераторите Instinct.
АМД предвидува дека приходите од серверски процесори во втората половина на 2026 година ќе пораснат за 80 отсто на годишно ниво, а во 2027 година за 70 отсто. Компанијата очекува приходите од податочни центри во 2027 година повеќе од двојно да се зголемат, при што AI графичките процесори треба да растат над 100 отсто. Покрај тоа, АМД ги претстави и следната генерација AI чипови, предводени од GPU-серијата Instinct MI450 и шестата генерација EPYC Venice процесори, наменети за новите Helios AI системи со големина на рек, кои спојуваат GPU, CPU, мрежна опрема и софтвер во интегрирана платформа за тренирање и извршување на големи AI модели.
Побарувачката за AI чипови е исклучително силна, изјави Су за Yahoo Finance во интервју кон крајот на јули. „Гледаме поврат на инвестицијата“, рече Су. „Побарувачката за пресметковна моќ денес е на премиум ниво. … Многу сме уверени дека побарувачката е присутна.