FinPortal.mk

Амбасадата во Абу Даби со итен апел до македонските државјани во Саудиска Арабија по нападот на аеродромот во Ријад

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Амбасадата во Абу Даби со итен апел до македонските државјани во Саудиска Арабија по нападот на аеродромот во Ријад

Амбасадата на Северна Македонија во Абу Даби издаде итно соопштение со апел за максимална будност, внимателност и следење на безбедносните протоколи до сите македонски државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија, посебно во Ријад. Соопштението е објавено откако ескалираше безбедносната состојба по нападот на аеродромот во Ријад, за кој се наведува дека го извршиле Хутите, а раководството на Саудиска Арабија вети дека ќе возврати на нападите.

Според последните информации наведени во соопштението, во нападот има најмалку 12 загинати и над 300 повредени. Меѓу загинатите и повредените има државјани на Саудиска Арабија, Бангладеш, САД, Јордан, Палестина, Сирија, Судан и Египет.

Од македонската амбасада ги потенцираат клучните безбедносни препораки што треба да ги следат државјаните што се наоѓаат таму. Според апелот, штом се активира безбедносна вонредна тревога или сирена, граѓаните веднаш треба да влезат во затворен простор, односно куќа или објект, и да останат подалеку од прозорци и стакла. Истовремено се препорачува избегнување на јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен, како и чување на телефоните полни и грижа уредите да бидат чисти од какви било контроверзни содржини.

Амбасадата ги потсетува граѓаните дека според законите на Саудиска Арабија строго е забрането фотографирање, снимање или споделување видеа од нападите, а локалните власти строго казнуваат за вакви објави на социјалните мрежи. Секакви сомнителни објекти или паднати остатоци треба веднаш да се пријават преку апликацијата Tawakkalna.

Во соопштението се наведува и дека, иако авиосообраќајот се рестартира, можни се чести вонредни одложувања. Генералната управа за цивилно воздухопловство (GACA) препорачува задолжително да се контактира авиокомпанијата за статусот на летот пред воопшто да се тргне кон меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад. Редовните летови сè уште функционираат со повремени откажувања и може да се користат за евакуација.

Оттаму споделуваат и контакт мобилен телефон на кој македонските државјани што се таму може да се обратат за какви било итни потреби и асистенции: +971 56 441 7532.

Од македонската амбасада претходно остро ги осудија нападите од Хутите на аеродромот, велејќи дека напаѓањето на цивили и инфраструктура претставува тешко кршење на меѓународните норми и на хуманитарното право.