Алта банка повторно овозможи електронско и мобилно банкарство, од утре отворена и експозитурата во Скопје

Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од денес повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, а од утре, 11 ноември, повторно ќе работи и експозитурата на банката во Скопје, соопшти Народната банка. Експозитурата се наоѓа во Трговскиот центар „Бисер“, на булеварот „Јане Сандански“ бр. 1/1.
Според соопштението на Народната банка, електронското и мобилното банкарство ќе бидат достапни во рамките на утврдените ограничувања. За клиентите кои поседуваат платежни картички лимитот изнесува до 15.000 денари неделно, додека за оние кои немаат картички ограничувањето е до 20.000 денари во период од две недели.
Лимитот се однесува збирно на сите сметки во банката и ги опфаќа плаќањата со картички во трговските објекти и преку интернет, подигнувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и плаќањата преку електронското и мобилното банкарство.
Во меѓувреме, продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од Народната банка информираат дека внимателно ја следат состојбата и постепено ги прошируваат достапните услуги, со цел клиентите полесно да располагаат со сопствените средства и да ги извршуваат секојдневните плаќања.
„АЛТА банка“ продолжува да работи, а привремената администрација останува заштитна мерка до разрешување на сопственичката состојба. Од Народната банка посочуваат дека приоритет се заштитата на клиентите и зачувувањето на стабилноста на банката.