FinPortal.mk

29.10.2026 - Алкалоид АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 

Алкалоид АД Скопје во периодот јануари – септември 2026 година оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните единечен и консолидиран биланс на успех, соопшти компанијата преку Македонската берза за хартии од вредност, согласно Глава 6 од Правилата за котација.

Според образложението за остварените резултати, почнувајќи од 2025 година направени се промени во сметководствените политики и методи на вреднување на позициите во финансиските извештаи на компанијата, во согласност со Правилникот за начинот на водење сметководство, издаден во Службен весник на РМ бр. 75/24 на 3 април 2024 година.

Вкупните остварени единечни приходи во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 11.094.601 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 3 %. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 93 %, имаат приходите остварени од продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2025 година бележат раст од 2 %.

Вкупните остварени консолидирани приходи во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 16.903.528 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 7 %. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 96 %, имаат приходите остварени од продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2025 година бележат раст од 7 %.

Вкупните остварени единечни расходи во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 9.313.035 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 2 %.

Вкупните остварени консолидирани расходи во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 15.132.977 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2025 година бележат раст од 8 %.

Податоци за акциите и дивидендата

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата.

Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2026 година се движеше од 21.745,00 до 27.300,00 денари или просечно 24.398,08 денари за една акција.

На 30.09.2026 година акциите на Алкалоид АД Скопје беа во сопственост на 6.657 акционери, физички и правни лица, а пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 31,64 милијарди денари.

На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574 илјади денари.

Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година започна исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција.

Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.

Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 1.067.280 илјади денари, што претставува раст од 34 % во однос на истиот период од претходната година. Дел од вкупните инвестиции се однесуваат на вложувања реализирани преку поврзаното друштво Алкалоид Енергетика ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кое започна со пробна работа во јули 2026 година.

Вкупните консолидирани обврски врз основа на кредити на 30.09.2026 година изнесуваат 3.495.393 илјади денари.

Во периодот јануари – септември 2026 година во Алкалоид АД Скопје се реализирани 60 нови вработувања во РС Македонија.

Просечната нето плата по вработен во компанијата во септември 2026 година изнесуваше 68.950 денари.

Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата.

Групацијата Алкалоид брои 3.019 вработени, од кои 2.201 се во земјава, а 818 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Според единечните продажби на готови производи и услуги, домашниот пазар учествува со 29 % (2.955.738 илјади денари), а странскиот пазар со 71 % (7.402.515 илјади денари), со вкупно 10.358.253 илјади денари, што претставува индекс на раст од 102 во однос на истиот период од 2025 година.