FinPortal.mk

Алијансата на Албанците: Димитриевски е „патриот на батерии“ и сателит на Мицкоски

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Алијансата на Албанците: Димитриевски е „патриот на батерии“ и сателит на Мицкоски

Алијансата на Албанците го обвини лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека ја игра улогата на „голем патриот“, но всушност е „патриот на батерии од Кина“. Од партијата порачаа дека сите други карти му се потрошени и дека со ваквиот пристап тој залудно се обидува да си го поправи рејтингот за еден процент.

Според соопштението на Алијансата на Албанците, Димитриевски одамна нема ништо од „Платформата 1.0“ што му ја направил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и повеќе нема никаков кредибилитет. „Последната задача на сателитот е да му даде алиби на Мицкоски за предвремени избори“, порачаа од партијата, оценувајќи дека правосудниот испит сега се турка како тема за наводен судир во коалицијата.

Од Алијансата на Албанците тврдат дека целта е да се создаде впечаток на тензија и да се отвори пат за предвремени избори, за да не се признае дека е загрозена финансиската стабилност заради Алта банка и дека нема пари во буџетот. „Максо си го наплати предавството врз партијата и врз гласачите. Сега треба да ја изврши последната задача“, се вели во соопштението.

Партијата ја оцени владата како таква што ништо не направила во ниту еден сегмент, со катастрофална состојба во економијата и дипломатија што води кон целосна изолација. Од Алијансата на Албанските потсетија дека Алта банка е пред стечај, штедачите се без пари, а јавните претпријатија се загрозени.

Пред обидот да му даде алиби на Мицкоски за избори, според партијата, Максим Димитриевски мора да одговори зошто имал состанок со Александар Вулин, директор на БИА и поранешен министер за одбрана и полиција, еден од осомничените за плантажата со марихуана во Јовањица во Србија, околу Алта банка. Од партијата прашуваат каква била улогата на Димитриевски за српската БИА и за Алта банка и дали и тој бил еден од лобистите за „Вучиќевата пералница на пари од криминал и корупција“.

„Сега глуми заштитник на државата и на правосудството. Истиот човек што седеше на состанок со човек од БИА, околу банката што пере пари. Истиот што сега преку темата – правосуден испит, треба да му отвори пат на Мицкоски за предвремени избори, во момент кога касата се празни и аферата Алта банка ја тресе државата и граѓаните“, порачаа од Алијансата на Албанците.

Од партијата нагласија дека нема да има никакво алиби, дека има прашања и дека ќе има одговорност. Инаку, Димитриевски претходно во интервју изјави дека ЗНАМ нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јази освен на македонскиот и дека доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција.