FinPortal.mk

Алијанса за Албанците бара правосудниот испит целосно да се полага на албански јазик

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Алијанса за Албанците бара правосудниот испит целосно да се полага на албански јазик

Алијансата за Албанците изрази разочарување од начинот на кој институциите го третираат барањето на албанските студенти правосудниот испит целосно да се полага на албански јазик. Од партијата оценуваат дека по неколкумесечни ветувања и заложби од страна на ВЛЕН за решавање на овој проблем, премиерот Христијан Мицкоски соопштил дека практичниот дел од испитот, во кој се симулираат кривичната и граѓанската постапка, ќе продолжи да се одвива на македонски јазик, додека само теоретскиот дел може да биде на јазикот на студирање.

Од Алијансата за Албанците прашуваат каде е ВЛЕН во овој случај, кој пред студентите вети целосно решение, односно дека правосудниот испит ќе се полага на албански јазик, како во теорија, така и во практика. Според партијата, денес, кога требало да се исполни ова ветување, ВЛЕН молчи, нуди делумно решение и бара трпение од студентите, оставајќи зад себе едно важно јавно ветување.

Од партијата укажуваат и на големата одговорност на Министерството за правда. Како што наведуваат, министерството најпрво го одбило барањето на студентите, а подоцна дискутирало за различни и нејасни предлози. Тоа, според Алијансата за Албанците, покажува недостиг на политичка волја и доследност за прашање кое директно ги засега правата на граѓаните.

Од партијата нагласуваат дека јазикот на постапката не е техничка пречка, туку прашање на политичка волја. Ако судскиот систем функционира на албански јазик во општините каде што се зборува албански, нема причина практичниот дел од испитот да остане само на македонски јазик, сметаат од Алијансата за Албанците.

Партијата бара правосудниот испит во целост да се полага на албански јазик, како во теоретскиот, така и во практичниот дел. Од Алијансата за Албанците бараат итна измена на соодветните закони и нивно усогласување со Законот за употреба на јазиците, како и конкретни рокови и лична одговорност од министерот за правда и од ВЛЕН. Истото решение го бараат и за нотарските и за извршителските испити.

Според партијата, албанските студенти не бараат ништо повеќе од своето право кое е гарантирано со закон и Устав. Тие бараат еднаквост и можност да ја вршат својата професија на јазикот на кој студирале, стои во реакцијата на Алијансата за Албанците.