FinPortal.mk

Алцхајмерова болест: повеќе од 24.000 пациенти во Македонија, а товарот го носат околу 100.000 членови на семејствата

FinPortal.mk  · 
Алцхајмерова болест: повеќе од 24.000 пациенти во Македонија, а товарот го носат околу 100.000 членови на семејствата

Повеќе од 24.000 лица во Македонија живеат со деменција, а болеста силно ги погодува и околу 100.000 членови на нивните семејства, кои секојдневно се соочуваат со немоќ, исцрпеност, тага и депресија. Ова беше главната порака на традиционалното Алцхајмер матине, кое вчера (23.09) се одржа во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, во чест на месецот посветен на подигање на свеста за Алцхајмеровата болест.

Настанот, организиран од Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука, годинава се одржа под мотото „Она што останува: љубов, емоција, емпатија“. Како што беше истакнато, на матинето не се зборуваше само за дијагнози, бројки и терапии, туку за моментот кога човекот што го сакаме почнува да заборава сè, вклучително и сопственото семејство, но и за најблиските кои учат да живеат со таа промена и за љубовта што останува и тогаш кога спомените полека исчезнуваат.

На „Алцхајмер матинето – она што останува: љубов, емоција, емпатија“ присуствуваа лица со Алцхајмерова болест, нивните семејства, лекари и претставници на институциите. Домаќинка на настанот и годинава беше професорката д-р Габриела Новотни, која им посака добредојде на присутните и предупреди дека деменцијата е во пораст, а првите симптоми се појавуваат сè порано и сè почесто и кај луѓе во педесеттите години.

„Во следниот период, се очекува бројот на лица со деменција во Македонија да се зголеми за дури 166 проценти, што значи дека подготовката за идните две децении мора да започне сега – со рано препознавање, навремена дијагноза, современи биомаркери и систем кој ќе може да ги прифати идните пациенти“, рече Новотни.

Таа посочи и на страната од приказната за која многу поретко се зборува – за семејствата кои се грижат за болните. Како што нагласи, од оваа болест не страда само еден човек, туку и другите членови на семејството, кои често се растргнати меѓу работата, грижата за своите деца и другите членови на семејството и потребата постојано да бидат со човек кој веќе не може сам.

Колку е голем товарот врз семејните негуватели покажуваат и меѓународните истражувања. Метаанализа објавена во 2025 година проценила дека околу 43 отсто од негувателите на лица со Алцхајмерова болест имаат депресивни симптоми. Овие бројки, како што беше посочено, ја отсликуваат тежината со која се соочуваат семејствата во секојдневниот живот.

Настанот во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија беше можност да се потсети дека зад секој пациент со Алцхајмер стои семејство кое живее со чувство на немоќ, исцрпеност, тага и депресија, но и со љубов која останува и кога сеќавањата бледнеат.