Акционери тужат Нвидија поради врската на Џенсен Хуанг со осомничена кинеска шпионка

Акционери на Нвидија поднесоа тужба против компанијата за производство на чипови за вештачка интелигенција, обвинувајќи ја дека ги довела во заблуда инвеститорите во врска со наводната врска на извршниот директор Џенсен Хуанг со Алис Хуанг, поранешна извршна директорка на Мегаспид со седиште во Сингапур, која се сомничи дека е кинеска шпионка. Според тужбата поднесена до сојузниот суд во Сан Хозе, Калифорнија, обвинетите не откриле дека случајот покренува прашања за националната безбедност што ја загрозуваат репутацијата и деловните перспективи на Нвидија.
Тужбата, за која известува Политико, тврди и дека пропустот на Хуанг да ја открие врската вештачки ја надувал цената на акциите на Нвидија и дека тоа можеби ги прекршило сојузните закони за хартии од вредност. Вредноста на компанијата вчера падна за 3,2 отсто, намалувајќи ја нејзината пазарна капитализација за речиси 200 милијарди долари, на 4,3 трилиони долари.
Репутацијата на Хуанг сериозно е разнишана откако тој призна дека бил неверен на сопругата, по извештаите за врска со Алис Хуанг, клиентка на Нвидија и наводна кинеска шпионка. Бидејќи Мегаспид е обвинета за недозволено криумчарење и пренасочување на ограничени чипови на Нвидија кон Кина, последиците се сериозни.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се осврна на скандалот, изјавувајќи им на новинарите дека го прашал Хуанг за случајот и дека тој рекол оти воопшто не знаел дека лицето за кое станува збор е шпион. Трамп на прес-конференција рече и дека Федералното истражно биро на САД е вклучено во случајот.
Скандалот доаѓа во момент кога Нвидија е една од највредните компании во светот, а Хуанг се смета за едно од најпрепознатливите лица во индустријата за вештачка интелигенција. Тужбата дополнително го усложнува позиционирањето на компанијата, која се соочува со прашања за националната безбедност поврзани со нејзините деловни врски.