АХВ уништи 470 килограми месни производи и внатрешни органи од нерегистрирана комора во Василево

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела спроведе вонреден инспекциски надзор кај правно лице кое работи како месарница во Општина Василево, при што на приватен имот беше откриена комора која не била регистрирана во Агенцијата. Во текот на контролата, официјалните ветеринари на АХВ во комората пронајдоа и запленија вкупно 470 килограми производи, од кои 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи.
Целокупната запленета количина подготовки од месо и внатрешни органи нештетно е уништена на депонија, согласно пропишаните законски процедури. Поради констатираните неправилности, АХВ изрече мерка за времено затворање на комората, а на правното лице му изрече и парични казни поради работење на нерегистриран објект и поради неозначување на производите.
Овој случај, како што соопшти АХВ, е уште една потврда за значењето на редовните и вонредните инспекциски контроли, со кои Агенцијата врши надзор врз работењето на операторите со храна, почитувањето на законските обврски и исполнувањето на условите за безбедност на храната што се произведува, складира и става во промет.
Според податоците на АХВ, во периодот од јануари до август 2026 година инспекциските служби на Агенцијата спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори. Контролите опфаќаат различни сегменти од синџирот на храна на домашниот пазар и од увозот, со цел навремено откривање и отстранување на неправилностите и спречување на пласманот на небезбедна храна на пазарот.
Во истиот период, како што е наведено, уништени се 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека продолжува со спроведување редовни и вонредни инспекциски контроли на целата територија на државата. Како приоритети на Агенцијата остануваат заштитата на здравјето на граѓаните, спречувањето на пласманот на небезбедна храна, почитувањето на законските прописи и заштитата на правата на потрошувачите.