FinPortal.mk

Абази: Заштедите на граѓаните и компаниите можат да се активираат преку пазарот на капитал

FinPortal.mk  · 
Абази: Заштедите на граѓаните и компаниите можат да се активираат преку пазарот на капитал

Пазарот на капитал не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како неопходно дополнување на традиционалните извори на финансирање. Ова го истакна Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, во своето обраќање по повод 25-годишнината од годишната конференција на Македонската берза, пренесува Пари.

Според Абази, банкарските кредити остануваат важен извор на средства за компаниите, но инструментите на пазарот на капитал можат да понудат дополнителни можности, особено кога станува збор за поризични, иновативни и развојни проекти. Поголемата разновидност на изворите од кои компаниите можат да обезбедат средства значи и помала зависност од еден канал на финансирање. Истовремено, диверзификацијата може да придонесе за намалување на трошоците за обезбедување капитал, што е особено значајно за малите и средните претпријатија.

Од друга страна, заштедите на граѓаните и компаниите можат преку пазарот на капитал да добијат дополнителна можност да бидат претворени во инвестиции. Токму на оваа улога на пазарот на капитал се осврна Абази во своето обраќање. Таа нагласи дека четврт век традиција претставува значаен период за домашниот пазар на капитал и можност да се согледаат предизвиците што следуваат.

Во фокусот на нејзиното обраќање беа довербата на инвеститорите, усогласувањето со европските стандарди, активирањето на домашниот капитал и потребата од понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал. „Пазарите се менуваат, технологијата напредува, но довербата во пазарот и пазарните учесници останува да биде највредниот капитал за кој сите треба да се бориме да го задржиме. Многу пати сме кажале дека тоа е нашето јавно добро“, истакна Абази.

Таа посочи дека новите европски регулативи веќе не се далечен тренд, туку реалност која директно ја обликува домашната економија. Според неа, Комисијата за хартии од вредност, како една од клучните институции на финансиската стабилност, има јасна и одговорна мисија да го води пазарот низ процесот на усогласување со стандардите на Европската Унија. „Од една страна мора да изградиме регулаторна рамка која гарантира сигурност и доверба, а од друга страна да поттикнеме развој“, порача Абази.

Обраќањето на претседателката на Комисијата за хартии од вредност доаѓа во момент кога домашниот пазар на капитал одбележува четврт век од традицијата на годишната конференција на Македонската берза, настан што секоја година ги собира претставниците на институциите, инвеститорите и компаниите за да ги разгледаат тековните состојби и идните чекори на пазарот.