Дигиталниот паричник доаѓа и во Македонија: Лични документи и државни услуги на мобилен телефон

FinPortal.mk · 26.10.2026 г.

Министерството за дигитална трансформација на 28 октомври ќе ја претстави новата мобилна апликација м.Услуги, со која граѓаните ќе можат да пристапуваат до државни услуги и електронски верзии на лични документи директно преку своите паметни телефони. Официјалната промоција ќе се одржи во Македонската филхармонија, а на настанот ќе се обрати и претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека апликацијата се наоѓа во завршна фаза на тестирање и наскоро ќе биде достапна за преземање преку Google Play и App Store. Корисниците ќе можат да се најават со својот профил од Националниот портал за електронски услуги и да ги користат функционалностите што ги нуди платформата. Една од најзначајните новини е можноста за користење електронска верзија на личната карта и возачката дозвола. Во почетната фаза, апликацијата ќе овозможува и неколку електронски услуги за граѓаните, со што се отвора патот кон посовремена и поефикасна комуникација со институциите. Според Андоновски, ова е првиот чекор кон воспоставување на национален дигитален паричник, кој во иднина ќе обедини повеќе документи и услуги на едно место. Во тек се разговори и со Министерството за здравство за интеграција на податоци од системот м.Здравје, како и со Министерството за социјална политика, демографија и млади за вклучување на европската младинска картичка. Од Министерството потенцираат дека користењето на апликацијата ќе биде бесплатно и доброволно, а посебно внимание е посветено на безбедноста и заштитата на личните податоци. Прифаќањето на електронските документи од институциите ќе се реализира постепено, преку усогласување на законските и подзаконските акти. Со воведувањето на м.Услуги, државата прави значаен чекор кон дигитализација на јавните услуги, со цел администрацијата да стане подостапна, побрза и поедноставна за секој граѓанин.

Дигиталниот паричник доаѓа и во Македонија: Лични документи и државни услуги на мобилен телефон | FinPortal.mk

Mожноста за користење електронска верзија на личната карта и возачката дозвола.